Филипче од Конгресот: Поразот не е крај – тоа е шанса за освестување и нов почеток
Во говорот на денешниот 30ти Конгрес, претседателот на СДСМ се осврна и на изборниот пораз потенцирајќи дека членството не треба да ја шминка реалноста, но ниту меѓусебно да си ја префрла одговорноста. „Јас не сум политички наивец, да не знам на што сум се нафатил. Застанав на чело на партија...
Во говорот на денешниот 30ти Конгрес, претседателот на СДСМ се осврна и на изборниот пораз потенцирајќи дека членството не треба да ја шминка реалноста, но ниту меѓусебно да си ја префрла одговорноста.
„Јас не сум политички наивец, да не знам на што сум се нафатил.
Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз. Пораз кој ја клекна партијата на колена. Но, поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток. Шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме. Сметам дека е праведно конечно сите да прифатиме дека од различен агол, сите сме виновни. Точно е, некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните“ рече тој.
Филипче смета дека причините за актуелната состојба во СДСМ се повеќеслојни.
„Заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО Алијансата, напорите за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, нашите Влади ја занемарија ефикасноста во обезбедување на сервисните функции на државниот апарат. Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања – тие чекаат дела. Сметам дека не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел прогамата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните. Истовремено, дозволивме едно од најчувствителните историски прашања за македонскиот народ, спорот со Бугарија, да ги преклопи и сите добри работи и реформи што ги направивме. А направивме многу за нашите граѓани за стопанството, за економијата, за пензионерите, за социјалните категории, за јавното здравство“ порача Филипче.