Илјадници на улиците на Истанбул и покрај забраната, носеа плакати на уапсениот градоначалник
Турската полиција вчера го уапси градоначалникот на Истанбул, популарен опозициски лидер и клучен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Критичарите на турскиот претседател веруваат дека ова претставува драматична ескалација во репресијата врз опозицијата. Државната агенција Анадолија објави дека обвинителите издале налози за апсење на Имамоглу и 100 други лица. Полицијата...

Турската полиција вчера го уапси градоначалникот на Истанбул, популарен опозициски лидер и клучен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Критичарите на турскиот претседател веруваат дека ова претставува драматична ескалација во репресијата врз опозицијата.
Државната агенција Анадолија објави дека обвинителите издале налози за апсење на Имамоглу и 100 други лица. Полицијата ја пребарала резиденцијата на градоначалникот и го привела вчера утрото околу 7:30 часот, изјавила неговата сопруга. Меѓу приведените беше и блискиот соработник на Имамоглу, Мурат Онгун.
Опозицијата ги поврзува вчерашните апсења со поразот на владејачката партија на Ердоган на локалните избори. Во исто време, владините претставници инсистираат судовите да работат независно и ги отфрлаат тврдењата дека правните постапки против опозициските личности се политички мотивирани.
„Се соочуваме со голема тиранија, но сакам да знаете дека нема да бидам обесхрабрен“, рече Имамоглу во пресрет на апсењето. Властите затворија неколку патишта низ Истанбул и ги забранија протестите во градот на четири дена во очигледен обид да ги спречат протестите по апсењата.
И покрај забраната, луѓето се собраа пред седиштето на полицијата во Истанбул, носејќи плакати на градоначалникот. Други извикуваа слогани и ги креваа тупаниците во воздух, додека полицијата го обезбедуваше местото на настанот. Илјадници луѓе подоцна се приклучија на митингот пред градското собрание, каде што лидерот на опозициската Републиканска народна партија ја обвини владата за извршување „државен удар“.
„Да го наречеме како што е: обид за државен удар. Денес, волјата на народот е киднапирана и узурпирана преку судски пуч чија цел е народот на Истанбул“, изјави Озгур Озел пред насобраните.
Министерот за правда Јилмаз Тунч рече дека апсењата немаат никаква врска со владата. „Поврзувањето на истрагите и случаите што ги покрена судството со нашиот претседател е, во најдобар случај, дрско и несоодветно“, нагласи тој./Извор:Makfax