Македонија бележи пад во борбата против корупцијата, ја дели 88 позиција со Казахстан, Суринам и Виетнам
Во Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, дури две третини од земјите добиле лоша оценка, според Транспаренси интернешнал. Корупцијата има негативно влијание врз заштитата на климата и демократските стандарди. Рекордни топлотни бранови, поплави, шумски пожари – додека порастот на екстремните временски настани ги става во опасност климатските цели,...
![Македонија бележи пад во борбата против корупцијата, ја дели 88 позиција со Казахстан, Суринам и Виетнам](https://centar.mk/wp-content/uploads/2021/04/zname.jpg)
Во Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, дури две третини од земјите добиле лоша оценка, според Транспаренси интернешнал. Корупцијата има негативно влијание врз заштитата на климата и демократските стандарди.
Рекордни топлотни бранови, поплави, шумски пожари – додека порастот на екстремните временски настани ги става во опасност климатските цели, еден клучен фактор често останува незабележан. Тоа е корупција. Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година открива дека во многу земји, поткупот и злоупотребата на моќ или позиција масовно ги попречуваат напорите за заштита на климата. Во контекст на рекордното глобално затоплување, поткопувањето на демократијата и намалувањето на глобалните напори за заштита на климата, светот е однесен во ќош, според истражувањето на ТИ.
Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл за 2024 година покажува пад од два индексни поени на земјава во однос на минатата, рангирајќи ја на 88 позиција заедно со Казахстан, Суринам и Виетнам.
Највисоко рангирана и годинава останува Данска со 90 индексни поени, по што следат Финска со 88, Сингапур со 84 поени, Нов Зеланд со 83 и Луксембург со 81 поен.
На последно место е Јужен Судан со 8 индексни поени, додека пред него се Сомалија со 9 и Венецуела со 10 индексни поени.
Од земјите во регионот најдоброрангирана е Грција, која е на 59 позиција, а најлошо Босна и Херцеговина, која е на 114 позиција.
Албанија е на 80 позиција, Косово е на 73 позиција.
Србија е на 105 позиција, а Хрватска има пад од 3 поени и е на 63 позиција. Бугарија бележи пад од 2 поени, и е на 76 позиција.
Црна Гора стагнира е на 65 позиција./Извор:Makfax