МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА: ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА ОНЛАЈН ИГРАТА „НАВИГАТОР“ КОЈА ЕДУЦИРА И НАГРАДУВА!
Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус, во партнерство со Обединетите Нации и Министерството за образование, и во соработка со гејминг здружението Галактик Омнивор и Македонското здружение на млади правници, денеска ја пуштија во употреба онлајн играта „Навигатор“ – иновативна и образовна платформа која преку интерактивен и забавен пристап ги...
Делегацијата на Европската Унија и Јуроп хаус, во партнерство со Обединетите Нации и Министерството за образование, и во соработка со гејминг здружението Галактик Омнивор и Македонското здружение на млади правници, денеска ја пуштија во употреба онлајн играта „Навигатор“ – иновативна и образовна платформа која преку интерактивен и забавен пристап ги едуцира младите и јавноста за човековите права. Настанот се одржа во Public Room, а присуствуваа претставници од граѓанскиот сектор, меѓународни организации, дипломатскиот кор, медиумите и младинските здруженија.
„Навигатор“ е игра која нуди уникатно искуство, во која аватарот „Нави“ ги води играчите низ девет планети кои обработуваат теми од човековите права – здравство, животна средина, детски права, Европска конвенција за човековите права, дискриминација, трговија со луѓе, заштита на потрошувачите, азил и миграции, како и заштита на лични податоци. Преку интерактивен квиз, играчите ќе ги покажат своите знаења, ќе се натпреваруваат и ќе имаат можност да освојат вредни награди.
“Овој ден покажува дека човековите права се нешто што никогаш не треба да ги земаме здраво за готово. Потребна е континуирана работа за нивно зачувување и унапредување. Затоа, сакам да им честитам на сите што се вклучени во овој иновативен начин на одбележување на Денот на човековите права, со игра која има за цел да допре до сите во општеството, особено до младите. Често, видеоигрите добиваат неправедна конотација, но овде целта е да се искористи оваа платформа за подигнување на свеста, и да се достигне до што поголем број млади луѓе.” изјави Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас.
Рита Колумбиа, постојан координатор на Обединетите Нации, додаде: „Оваа игра ви дава моќ да станете застапници и двигатели на промени, потсетувајќи нè на правата што му припаѓаат на секој човек, без оглед на раса, пол, националност или потекло. Од моите синови научив многу, и се исполнувам со надеж кога ја гледам новата генерација, како го прифаќа предизвикот за да биде гласот и силата за промените што му се потребни на нашето општество. Преку вакви иницијативи ги инспирираме младите да се вклучат активно во градењето на поправеден и поинклузивен свет. Заедно можеме да осигуриме дека човековите права ќе останат приоритет и заедничка одговорност за сите.“
Јана Иванова од Македонското здружение на млади правници ја презентираше содржината на играта, истакнувајќи ги темите како еднаквост и пристап до сопствените права. Иван Кикеров од Галактик Омнивор го објасни концептот на играта, како и динамиката и искуството на играње што ја прави играта “Навигатор” возбудливо искуство за учесниците.
Играта „Навигатор“ е достапна на македонски и албански јазик, а се игра преку веб-страницата на Јуроп хаус navigator.europehouse.mk и тоа од 10 до 24 декември. Организаторите ги покануваат сите заинтересирани да ја пробаат играта, да ги продлабочат своите знаења за човековите права и да играат за потенцијалните награди. Играчите кои ќе освојат најмалку 60 поени ќе се квалификуваат во извлекувањето за главната награда – ваучер за техничка опрема во вредност од 60.000 денари, како и серија дополнителни награди обезбедени од Делегацијата на Европската Унија, Обединетите Нации и амбасадите на земјите-членки на ЕУ.
Извлекувањето ќе се одржи на 25 декември 2024 година, во 12:00 часот, преку транспарентен и анонимен процес.
Биди гласен за своите права! Но, прво – добро запознај ги!