МЕП Муртезани: „Општините се архитекти на локалниот развој, креатори на промените и гласот на граѓаните“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше обраќање на работилницата насловена „Локалните власти како двигатели на реформите: Имплементација и придобивки од Реформската агенда за општините“, на која што ја истакна значајната улога на локалните власти во спроведувањето на Реформската агенда 2024-2027 и Планот за раст на ЕУ за Западен...

Мар 14, 2025 - 18:00
 0  0
МЕП Муртезани: „Општините се архитекти на локалниот развој, креатори на промените и гласот на граѓаните“

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше обраќање на работилницата насловена „Локалните власти како двигатели на реформите: Имплементација и придобивки од Реформската агенда за општините“, на која што ја истакна значајната улога на локалните власти во спроведувањето на Реформската агенда 2024-2027 и Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

На работилницата присуствуваа претставници на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС), градоначалници, членови на совети, претставници на општинските администрации, претставници на граѓанските организации и други.

Во своето обраќање, министерот Муртезани ја нагласи важноста на локалните власти во креирањето на промените, поттикнувањето на иновациите и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните. Тој посочи дека општините не се само имплементатори на националните политики, туку и витална сила која ги движи промените.
„Општините играат исклучително важна улога во преточувањето на политиките од национално ниво во конкретни мерки кои директно влијаат на граѓаните и бизнисите. Вие не сте само извршители, вие сте архитекти на локалниот развој, креатори на промените и гласот на граѓаните“, нагласи Муртезани.

Во продолжение следува интегралниот говор на МЕП Муртезани:

===========================================================================

Почитувана амбасадорке Хулман, почитуван министер, почитувани претставници на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија (ЗЕЛС), почитувани градоначалници, членови на совети, претставници на општинските администрации, на граѓанските организации, дами и господа, добар ден.

Денешната работилница насловена „Локалните власти како двигатели на реформите: Имплементација и придобивки од Реформската агенда за општините“ е замислена како собир на креатори на иднината, на луѓе кои секојдневно ја обликуваат реалноста во нашите општини.

Оваа работилница укажува на вашата клучна улога во развојот нашата земја, а истата се организира преку проектот „Поддршка на Северна Македонија за пристапување во ЕУ“, финансиран од Кралството Шведска, Швајцарија и МЕП, а имплементиран од канцеларијата на УНОПС во Скопје. Искрено ја цениме помошта и одличната соработка од нашите партнери Кралството Шведска и Швајцарија, како и помошта од канцеларијата на УНОПС во Скопје и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина.

Како Министер за европски прашања, јас не ја гледам локалната самоуправа само како имплементатор на националните политики, туку и како витална сила која ги движи промените, ги поттикнува иновациите и го креира квалитетот на животот на нашите граѓани. Затоа, сакам да ја започнам оваа дискусија со поглед на поширокиот контекст во кој делуваме.

Нашата денешна средба е тесно поврзана со две клучни иницијативи кои ја дефинираат нашата европска иднина: Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и Реформската агенда 2024-2027 на Северна Македонија. Планот за раст на ЕУ е визија за економско обединување на регионот со Европската Унија. За да ги искористиме можностите, потребен е заеднички фронт и посветеност на реформи на сите нивоа, а вие, локалните власти, сте во срцето на таа акција. Реформската агенда е нашиот национален компас за остварување на тие цели: создавање на поконкурентна економија, поефикасна јавна администрација и поодржливо општество.

Тука на сцена стапувате вие, локалните власти. Општините играат исклучително важна улога во преточувањето на политиките од национално ниво во конкретни мерки кои директно влијаат на граѓаните и бизнисите. Вие не сте само извршители; вие сте архитекти на локалниот развој, креатори на промените и гласот на граѓаните.

Децентрализацијата, фискалните реформи и дигиталната трансформација се суштински алатки со кои општините ќе можат подобро да ги испорачуваат јавните услуги, да привлечат инвестиции и да го подобрат локалниот економски развој. Но, оваа моќ и автономија доаѓаат со одговорност. Општините мора активно да се вклучат во имплементацијата на политиките, да развиваат локални стратегии и да соработуваат со сите засегнати страни.

Дозволете да истакнам како овие реформи се пресликуваат во работата на општините. Во однос на ефикасноста на јавната администрација, дигитализацијата на услугите значи редизајн на начинот на кој општините функционираат за да бидат поблиску до граѓаните. До 2025 година, со дигитални платформи во најмалку 50% од општините, граѓаните ќе почувствуваат помала потреба да чекаат на шалтери, а администрацијата ќе биде поефикасна.

Кога зборуваме за зелени и одржливи градови, не станува збор само за садење дрвја, што е несомено значајно. До 2026 година, општините ќе работат на локални акциски планови кои ќе значат енергетски ефикасни згради, одржлив транспорт и подобро управување со отпадот. Ова е инвестиција во здрава животна средина.
Фискалната децентрализација, од друга страна, не е само механизам за добивање на финансиски средства. До 2027 година, со подобрување на наплатата на приходите и фискалната автономија, општините ќе имаат поголема можност да инвестираат во проекти кои се приоритет на локалната заедница, согласно потребите на нејзините граѓани.

Оваа работилница има за цел да постигне неколку клучни исходи: да ја подигнеме свеста за улогата на локалната власт во реформите, да го подобриме разбирањето за достапната поддршка и да го зајакнеме дијалогот меѓу локалните и националните власти.

Денешниот настан е можност да ги размениме идеите и да ги зајакнеме нашите партнерства. Ве повикувам на отворена и конструктивна дискусија. Нека оваа работилница биде место каде што ќе се раѓаат нови идеи и ќе се зајакнува нашата посветеност на просперитетна иднина за сите граѓани.

Верувам дека преку заедничка работа, посветеност и визија, можеме да ги реализираме нашите цели. Ви благодарам на вниманието и ви посакувам успешна и плодна работа на денешната работилница.