Мојсоска: На македонските жени никој не им даде рамноправност – со масовно учество во НОБ се изборија за слобода
На денешната собраниска седница по повод 8 Март, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во своето обраќање потсети дека 300 жени го вградиле својот живот во темелите на социјалистичка Македонија: „Мене ми е драго што ја имам честа да се обратам на ден кој ја симболизира борбата на жената-работничка за политичка...

На денешната собраниска седница по повод 8 Март, пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, во своето обраќање потсети дека 300 жени го вградиле својот живот во темелите на социјалистичка Македонија:
„Мене ми е драго што ја имам честа да се обратам на ден кој ја симболизира борбата на жената-работничка за политичка и економска рамноправост, ден кој извира од идеалите на истакнатите социјалистки Клара Цеткин и Роза Луксембург.
Кога говориме за жени-борци кои предничеле во борбата за право на глас на жената ние не можеме а да не спомнеме, дека овие жени се бореле и против суровите услови на нивното време. Нивната макотрпна борба за право на глас на жените била надополнета со силен отпор против неправедниот капиталистички систем кој брутално ги експлоатирал – сите овие жени се бореле за свет во кој сите народи ќе бидат рамноправни, за свет во кој рајот на богатите нема да биде граден од пеколот на сиромашните” – потенцираше Мојсоска.
„И тука не заостанувала ниту македонската жена. За време на антифашистичката борба, дури 300 жени го вградиле својот живот во темелите на новата социјалистичка Македонија. И ние не можеме да негираме, денес во време на брутален ревизионизам на историјата, дека македонската жена своето право на глас го стекнале на 11 август 1945 година, со Резолуцијата на АВНОЈ, како дел од социјалистичкото минато од кое некој сега се обидува да бега. Ние не можеме да бегаме од историскиот факт дека над 5.000 жени Македонки храбро, рамо до рамо со мажите-борци, учествувале во антифашистичка борба и ја издвојувале својата слобода носејќи ја петокрака која беше тргната токму од државниот грб. Ние не можее да бегаме од фактот дека македонките-жени својата полноправна политичка и социјална рамноправност ја стекнале во тогашното напредно социјалистичко уредување, дури и пред други европски земји” – потсети таа.
„Низ нашата колективна меморија живее споменот на младите девојки, кои до последен здив се бореле за слободата во која верувале. Ние не можеме и не смееме да го заборавиме херојството на Вера Јоциќ, која загинала на само 21 година во борба со бугарскиот окупатор, ние не смееме да го заборавиме херојството на младата Ибе Паликуќа, која загинала на само 17 години во борба со балистите. Ние не смееме да ги заборавиме зборовите на првата жена стрелана од политички причини во Грција, нашата Мирка Гинова, која гордо ќе каже: Се борев и умирам за поарен живот на другите, а не за мојот” – кажа пратеничката од Левица.
„И мојата порака на овој ден до сите жени е: На македонските жени никој не им даде рамноправност – туку тие, со масовно учество во народноослободителната борба и со оружје во рака – се изборија за својата слобода. Иако патот е долг и тежок, како што говореше Роза Луксембург, нам ништо не ни недостасува – само време”- заклучи Мојсоска.