Перински во Ѓорче Петров: Инвестициите во патната инфраструктура значат надминување на сообраќајните предизвици во сите единици на локалната самоуправа
Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски и градоначалникот Александар Стојкоски, денеска извршија увид на градежните активности за пробивање на улицата „Социјалистичка зора“ во Ѓорче Петров. Ова е еден...

Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски и градоначалникот Александар Стојкоски, денеска извршија увид на градежните активности за пробивање на улицата „Социјалистичка зора“ во Ѓорче Петров.
Ова е еден од седумте проекти кои Општината ќе ги реализира со средства од првиот владин јавен повик за поддршка на општините и предвидува изградба на нова улица која ќе ги поврзе улиците „Социјалистичка зора“ и „Сремски фронт“ со што ќе се подобри сообраќајната врска на локалното население со главната улица „Ѓорче Петров“ која е клучна сообраќајница за излез од Скопје кон скопската обиколница, Тетово и други дестинации.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека станува збор за проект од исклучително значење на општината и појасни дека практично станува збор за изведба на целосно нова траса во должина од околу 180 м, со нов коловоз, нови пешачки патеки и тротоари, а комплетно ќе биде реконструирана подземната инфраструктура.
„Не само декларативно, туку и суштински сме поставени како пријатели и партнери кон локалните самоуправи, заради тоа што сме цврсто убедени дека не може да има силна држава доколку нема силни локални самоуправи. Јас се надевам, но и убеден сум дека Ѓорче Петров како и сите останати други локални самоуправи, за многу кратко време ќе бидат многу поубаво место за живот“, истакна министерот Перински кој изрази јавна благодарност до градоначалникот Стојкоски за неговата проактивност за учество на Општината на владините повици за поддршка на општините за инфраструктурни проекти.
„Македонија сега се гради. Таа седум години се разградуваше, уништуваше, се понижуваше, омаловажуваше, нешто што сега е поинакво“, кусо изјави премиерот и ги охрабри локалните власти да продолжат да работат со истиот интензитет.