ЦУК: Мечка следела 15-годишно момче во Македонски Брод
Мечка вчера следела и гонела 15-годишно момче во атарот на село Крапа во Општина Македонски Брод. Детето успеало да побегне, не било директно нападнато и не било повредено, иако паднало при бегањето кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома во селото. Како што соопшти денеска Центарот...
Мечка вчера следела и гонела 15-годишно момче во атарот на село Крапа во Општина Македонски Брод.
Детето успеало да побегне, не било директно нападнато и не било повредено, иако паднало при бегањето кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома во селото.
Како што соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), случајот вчера бил пријавен на бројот за итни случаи 112 во ЦУК. Настанот се случил од 18:15 до 20:15 часот. Истиот настан бил пријавен и во ПС Македонски Брод.
Таткото на детето, кој има 61 година, искажал голема вознемиреност и страв за животот на децата. Информирал дека во последната година се почесто ги гледаат мечките околу нив. Пред еден месец мечка им грабнала една заостаната овца при движење на стадото и ја изела. Тоа, како што се наведува, го утврдиле на теренот, според пронајдените остатоци од исчезнатата овца и траги, а и измет, од мечката која тие ја именуваат како „мршарка“ (којашто јаде месо од угинати животни, но и од животни коишто ќе успее да ги фати, улови).
Според ова семејство и според забележаните траги околу нивното стадо од 300 овци, мечка или повеќе мечки во последната година, особено во време на последниот месец, биле спуштени во понискиот предел во ливадите кон селото Зрзе, но во правец повеќе на село Дебреште близу меѓуопштинската граница со Општина Прилеп, а сепак на територија на Општина Македонски Брод. Според трагите и лаењето на кучињата од селото Крапа, мечката или мечките се движеле и кружеле се почесто и се поблиску до селото, околу трлата со добиток.
ЦУК информира дека се преземаат безбедносни мерки за да се заштитат граѓаните и нивниот имот од можни напади на диви животни со хумани мерки./Извор:Makfax