Запалени возила „тесла“ во Лас Вегас, ФБИ: Нападот има елементи на тероризам
Утринава во сервисен центар на Tesla во Лас Вегас изгореле или се оштетени повеќе возила, а ФБИ не ја исклучува можноста за тероризам, пишува „Фокс Њуз“. Во инцидентот оштетени се пет возила, а две се опожарени. Спенсер Еванс, специјален агент на ФБИ во Лас Вегас, за новинарите изјави дека инцидентот...

Утринава во сервисен центар на Tesla во Лас Вегас изгореле или се оштетени повеќе возила, а ФБИ не ја исклучува можноста за тероризам, пишува „Фокс Њуз“.
Во инцидентот оштетени се пет возила, а две се опожарени. Спенсер Еванс, специјален агент на ФБИ во Лас Вегас, за новинарите изјави дека инцидентот секако има некои карактеристики на терористички напад, но сè уште е рано да се направи конечна проценка.
Заедничкиот антитерористички тим на ФБИ моментално го истражува инцидентот.
Околу 2:45 часот, полицијата во Лас Вегас примила неколку повици во врска со пожари во сервисот. Помошник началникот на противпожарната служба Џенифер Вајат изјави дека пожарите биле ограничени на две возила и биле изгаснати пред да стигнат до батеријата.
Иако еден осомничен е снимен со камера, полицијата не ја исклучува можноста дека повеќе лица учествувале во нападот. Се уште не е утврдено кои се сопствениците на оштетените возила.
Основачот и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, го осуди инцидентот, нарекувајќи го луд и длабоко погрешен. Тој, исто така, пренесе постови во кои го нарече инцидентот терористички чин./Извор:Makfax