Америка: Имаме нов план за мир, им го презентиравме на Русија, Украина и Европа
Соединетите Американски Држави им презентираа на Украина, Русија и Европа „рамка за траен и одржлив мир“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Теми Брус. Истиот ден, потпретседателката на украинската влада и министерка за економија, Јулија Свириденко, извести дека САД и Украина потпишале меморандум во врска со договорот за минерали, кој...

Соединетите Американски Држави им презентираа на Украина, Русија и Европа „рамка за траен и одржлив мир“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент, Теми Брус.
Истиот ден, потпретседателката на украинската влада и министерка за економија, Јулија Свириденко, извести дека САД и Украина потпишале меморандум во врска со договорот за минерали, кој сè уште треба да се финализира. Претставници на Белата куќа претходно нагласија дека договорот е клучен за напредок во мировните преговори.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и Соединетите Американски Држави сакаат да ја завршат оваа војна и сега поставија рамка за траен и одржлив мир за сите страни“, рече Брус. Според неа, предлогот им бил презентиран на украинските и европските претставници во Париз, додека американскиот државен секретар Марко Рубио го пренел истиот на Русија во телефонски разговор.
„Рубио разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Државниот секретар му ја пренесе истата порака на својот руски колега што американската делегација им ја пренесе на украинските претставници и на нашите европски сојузници во Париз“, рече Брус. Таа додаде дека американскиот предлог бил позитивно примен во Париз.
„Охрабрувачките реакции на предлогот на САД во Париз покажуваат дека мирот е можен, ако сите страни се навистина посветени на постигнување договор“, рече Брус.
Досега, САД одржаа одделни разговори со Украина и Русија во Саудиска Арабија со цел постигнување примирје. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 6 април изјави дека Русија го отфрла безусловното примирје бидејќи сака да продолжи со ракетните напади од Црното Море. Москва досега покажа мала подготвеност за сериозни мировни преговори. Руските власти поставуваат максималистички барања во мировните преговори со Украина и САД.
Украина веќе го прифати предлогот на САД за целосно 30-дневно примирје, објавувајќи на 11 март дека е подготвена за договор доколку Русија се согласи. Сепак, Москва засега одбива./Извор:Makfax