Чупеска: Владата не испорача ништо од ветеното, туку тргна да го окупира безбедносниот систем
Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во синоќешната емисија Клан дебата истакна дека ништо што беше ветено во кампањата не е испорачано од страна на Владата. Наместо проекти, Чупеска кажа дека Владата тргнала во партизирање на институциите на безбедносниот сектор. „Многу опасно е тоа што има една отворена тенденција да се...
Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска во синоќешната емисија Клан дебата истакна дека ништо што беше ветено во кампањата не е испорачано од страна на Владата.
Наместо проекти, Чупеска кажа дека Владата тргнала во партизирање на институциите на безбедносниот сектор.
„Многу опасно е тоа што има една отворена тенденција да се окупира безбедносниот систем преку флагрантни повреди на законот при назначувањето на шефот на Агенцијата за национална безбедност. Назначувањето е противзаконски и се чудам зошто ДКСК уште не реагира. Понатаму, Советот кој е одговорен за службите исто така е профилиран по принцип на сериозен партиски учинок, наместо да се конципира како независно тело. Трето, во врска со спојување на службите, иако има некои такви примери и во други земји, ние не смееме да заборавиме што значеше конгрегацијата и масивноста на службите во нашиот контекст. Тие безбедносни служби беа така злоупотребени што 26000 граѓани беа масовно прислушувани, затоа што имавме многу сериозна политичка економска, па и безбедносна криза по тој повод и затоа ако се сеќавате имавме и преговори, дојдоа и Прибе извештаите и договорите од Пржино кои јасно укажаа дека спојувањето е контрапродуктивен, напротив овозможува масовна злоупотреба на човековите права“ посочи таа.
Потпретседателката на СДСМ најави дека СДСМ ќе се спротивстави на секој обид на ВМРО-ДПМНЕ повторно да ги зароби институциите како што тоа го правела во периодот пред 2016 година.