Украина воведува санкции кон Грузија, Зеленски потпиша указ: „Му ја предаваат земјата на Путин, не смееме да дозволиме“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции на грузиската влада. „Само што го потпишав указот за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за санкции. Станува збор за санкции против делот од власта...
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции на грузиската влада.
„Само што го потпишав указот за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за санкции. Станува збор за санкции против делот од власта во Грузија, кој му ја предава Грузија на Путин. Токму против тоа во Грузија се одржуваат протести. Важно е сега и партнерите да проговорат за својот став, искрено да се изјаснат што се случува, а ние треба да дејствуваме“, рече Зеленски во изјавата на веб-страницата на Претседателството, која ја пренесе Укринформ.
Зеленски изјави дека доколку навреме не се постапи по меѓународните односи или не се постапи принципиелно, тогаш ќе се изгубат децении и на државите ќе им биде одземена слободата.
„Не можеме да изгубиме никого во овој регион – ниту Грузија, ниту Молдавија, ниту Украина. Мора заедно да се браниме од Москва“, нагласи Зеленски.
Со декрет, Украина воведе санкции против основачот на партијата „Грузиски сон“, Биџина Иванишвили и уште 19 лица кои се негови соработници, за кои Зеленски изјави дека се луѓе кои „ги продаваат интересите на Грузија и на народот“./Извор:Makfax