Филипче: Владата катастрофално ја менаџира економијата, стандардот срозен, цените вртоглаво растат

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашното гостување во подкастот „Политиканти“, истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период покажа катастрофално лошо менаџирање со економијата и институциите, како и во однос на заштита на животниот стандард на граѓаните. „Поради ваквите економски политики во континуитет изминатите година дена...

мај 10, 2025 - 04:00
 0  0
Филипче: Владата катастрофално ја менаџира економијата, стандардот срозен, цените вртоглаво растат

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во вечерашното гостување во подкастот „Политиканти“, истакна дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период покажа катастрофално лошо менаџирање со економијата и институциите, како и во однос на заштита на животниот стандард на граѓаните.

„Поради ваквите економски политики во континуитет изминатите година дена има пад на индустриското производство, пад на извозот, сериозен пад на стандардот на граѓаните, цени коишто не се контролираат во маркетите“, рече Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека реалноста со која се соочуваат македонските граѓани е далеку од сликата што Владата се обидува да ја прикаже.

„Има страшна една серија на елементи за коишто Владата не реагира, а тоа ѝ е обврска. Раст на цената на струјата од 20 до 30%, парното 5% – брзо ќе помине летото и за час ќе се соочиме со многу силен притисок. Граѓаните го чувствуваат тоа, не може крај со крај да врзат. Сега повторно има серија на поскапувања и Владата повторно ништо не прави“, рече Филипче.

Од друга страна, како што кажа Филипче, на вакви високи трошоци за живот и ценовни шокови, Владата не покажа слух за реално зголемување на платите на работниците.

„Нема слух за барањето на синдикатите за зголемување на платите, ниту на минималната, ниту на просечната плата. И зошто велам лошо менаџирање со институциите – премиерот и Владата велат нека се договорат работниците и работодавачите сами за платата, епа тогаш зошто е Владата?“, рече Филипче.

Тој посочи дека владите на СДСМ и во најголемите кризи – во ковид пандемијата и енергетската криза, секој граѓанин беше помогнат, а стандардот заштитен.

„Ние во изминатите седум години направивме многу за различни социјални категории, за работниците. Ги зголемивме платите, водевме сметка за просечната, за минималната плата кои растеа и во најтешките времиња. Се субвенционираа работните места и компаниите и во најтешките кризи. Над 80 илјади работни места се зачуваа благодарение на нашите мерки. Енергетската криза се изменаџира без никој тоа да го почувствува. На луѓето сметките за струја не им се зголемија кога цената на гасот беше неколкукратно поголема“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.