Коцевски: Јавно ја осудувам секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание врз нивната работа
Јавниот обвинител на Република Сееврна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати на настанот посветен на одбележувањето на Меѓународниот ден за ставање на крај на неказнивоста на нападите врз новинарите, што се одржа во просториите на Здружението на новинарите на Македонија. Во продолжение, интегрален текст од говорот на Јавниот обвинител Коцевски...
Јавниот обвинител на Република Сееврна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати на настанот посветен на одбележувањето на Меѓународниот ден за ставање на крај на неказнивоста на нападите врз новинарите, што се одржа во просториите на Здружението на новинарите на Македонија.
Во продолжение, интегрален текст од говорот на Јавниот обвинител Коцевски на настанот:
„Почитувани присутни,
Кога се подготвувавме за овој заеднички настан со Здружението на новинари и Министерството за внатрешни работи, сметав дека во едно кратко обраќање ќе ги изложам напорите што како обвинителство ги вложуваме за подобрување на безбедноста на новинарите и за спречување на неказнивоста на нападите врз новинари. Но, со оглед на случувањата од изминатите денови, чувствувам обврска, наместо декларативните заложби за унапредување на заштитата на слободата на говор, да започнам со едно лично обраќање со кое на дело ќе ја покажам позицијата на институцијата што ја предводам по ова прашање.
До вашата колешка, новинарката Мирослава Симоновска, која верувам е присутна тука денеска: Мирослава, Основното јавно обвинителство Скопје интензивно постапува по твојата кривична пријава. Те уверувам дека обвинителството презема се за да го расчисти случајот. Знам дека целиот твој случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но те уверувам дека јавното обвинителство има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава.
Сакам на сите да биде јасно дека ја осудувам секоја постапка со која новинарите се предмет на незаконско следење и снимање. Јавно ја осудувам и секоја форма на притисок и закани кои се насочени кон замолчување на новинарите и влијание врз нивната работа. Таков однос кон новинарите е и ќе биде недозволен додека јас сум државен јавен обвинител.
Сакам јавноста да знае дека приоритет на јавното обвинителство е заштитата на јавниот интерес и правата и слободите на граѓаните и затоа јас како државен обвинител ниту одобрувам, ниту толерирам притисоци и закани, без оглед од кого и да доаѓаат и сум одлучен да ги преземам сите законски мерки со кои моите вербални заложби ќе се покажат на дело.
Во изминатиот период Јавното обвинителство вложи огромна енергија во јакнење на транспарентноста и во активностите за промоција на безбедноста на новинарите и слободата на изразување. Во четири јавни обвинителства низ државата – Скопје, Штип, Битола и Тетово се назначени обвинители кои го следат постапувањето во предметите поврзани со нарушување на безбедноста на новинарите. Како јавно обвинителство се вклучивме и изработката на прирачник за безбедност на новинари, активно соработуваме со новинарските здруженија и со новинарите на јакнење на јавната свест за нетолеранција на нападите врз новинарите. По моето доаѓање на функцијата, транспарентноста е дополнително зајакната и ќе продолжи со уште поголем интензитет. Јавното обвинителство поведува постапки и постапува само врз основа на докази.
Измените на Кривичниот законик со кои новинарите добија заштита како службени лица при вршењето на своите работни задачи активно се применуваат и веќе се изречени неколку пресуди за сторено кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие во ситуации кога нападнати се новинари или медиумски работници.
И за останатите регистрирани кривични дела против новинари активно се постапува и се преземаат дејствија против сторителите. Се разбира, полесно оди идентификација и процесуирање на сторителите на физичките напади, додека кога станува збор за онлајн и интернет закани и заплашувања, се уште во голема мера сме условени од меѓународната соработка со соодветните интернет провајдери и социјални мрежи, што понекогаш ни ја усложнува постапката. Меѓутоа и на тој план во последно време имаме значително подобрување, така што имаме и такви предмети во кои веќе се изречени пресуди против сторителите.
Затоа би рекол дека активно работиме на унапредување на безбедноста на новинарите во нашата земја. Нема да дозволиме овој наш заеднички ангажман да падне во сенка на неодговорно однесување на поединци. Заедно сме посилни во одбрана на слободата на изразување како највисоко демократско право!
Ви благодарам.“