Лидерска средба за стабилност: Интерпелација не е решение, потребно е единство од сите политички лидери

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повика на итна лидерска средба како одговор на растечките тензии по неодамнешните инциденти на прославата на албанското знаме. Во своето гостување на емисијата „360 степени“, тој упати јасен апел за политичка одговорност и единство. „Македонците и Албанците би рекол дека се пример во Европа за...

дек 5, 2024 - 12:00
 0  2
Лидерска средба за стабилност: Интерпелација не е решение, потребно е единство од сите политички лидери

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повика на итна лидерска средба како одговор на растечките тензии по неодамнешните инциденти на прославата на албанското знаме. Во своето гостување на емисијата „360 степени“, тој упати јасен апел за политичка одговорност и единство.

„Македонците и Албанците би рекол дека се пример во Европа за добар соживот помеѓу два народи. Народ со народ не се расправаат, не се караат така спонтано. Политичарите се тие коишто ја палат искрата“, рече Филипче.

Тој истакна дека лидерска средба е потребна за да се испрати силна политичка порака, наместо да се продолжи со остри дебати во институциите.
„Затоа сметам дека оттука треба да произлезе повикот за смирување на страстите и на тензиите, после лидерската средба да излеземе на заедничка прес-конференција и да упатиме повик со кој ќе кажеме дека најбитни ни се стабилноста и мирот во земјата“, истакна Филипче.

Тој предупреди дека интерпелациите и другите правните мерки нема да ја решат ситуацијата, туку напротив, може дополнително да ги разгорат страстите.
„Интерпелација во Собранието нема да донесе ништо добро, напротив ситуацијата може со таква една остра реторика во Собранието да се влоши. Причини за интерпелација на министерот Тошковски има милион други“, потенцира Филипче.

Претседателот на СДСМ потсети дека за време на владеењето на СДСМ немало значајни меѓуетнички инциденти. Тој го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да се приклучат на оваа иницијатива.

„Ги повикувам лидерите на најголемите политички партии и Христијан Мицкоски и Али Ахмети и лидерите на ВЛЕН да седнеме и да разговараме поради тоа што од тука треба да излезе пораката и повикот за смирување на тензиите“, заклучи Филипче.

Филипче истакна и дека СДСМ ќе продолжи да биде фактор на стабилност и гаранција за мултиетничкиот соживот во земјата, со цел зачувување на мирот и иднината на сите граѓани.