Мелони: Европа е далеку од изгубена
Италијанската премиерка Џорџа Мелони повика денеска на единство на Западот, силно американско-европско партнерство и континуирана поддршка за Украина против руската агресија, на конзервативната конференција во близина на Вашингтон. „Европа е далеку од изгубена и никогаш нема да биде изгубена“, рече Мелони во обраќањето на Конференцијата за конзервативно политичко дејствување (CPAC),...

Италијанската премиерка Џорџа Мелони повика денеска на единство на Западот, силно американско-европско партнерство и континуирана поддршка за Украина против руската агресија, на конзервативната конференција во близина на Вашингтон.
„Европа е далеку од изгубена и никогаш нема да биде изгубена“, рече Мелони во обраќањето на Конференцијата за конзервативно политичко дејствување (CPAC), која се смета себеси за најголемиот и највлијателен собир на конзервативците во светот.
Мелони изрази доверба во американскиот претседател Доналд Трамп, исто така говорник на конференцијата.
„Нашите противници се надеваат дека претседателот Трамп ќе се дистанцира од нас, но знаејќи го како силен и ефективен лидер, се обложувам дека оние кои се надеваат на поделби ќе се докаже дека грешат“, рече италијанскиот премиер.
Балансирајќи ја конзервативната реторика со пошироките геополитички интереси, Мелони го критикуваше левичарскиот либерализам, елитите, „woke идеологијата“, „културата на откажување“ и традиционалните медиуми, истовремено нагласувајќи ја потребата за обединување на западните нации против внатрешните и надворешните закани.
Италијанскиот лидер го пофали неодамнешниот говор на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, во кој тој остро ги критикуваше европските сојузници, обвинувајќи ги за ограничување на слободата на изразување и закана за демократијата.
Осврнувајќи се на борбата на Украина против Русија во изминатите три години, Мелони рече: „Среќата зависи од слободата, а слободата зависи од храброста“.
„Денес мораме да продолжиме да работиме заедно за праведен и траен мир, мир кој може да се изгради само со придонес на сите, но пред се со силно лидерство“, додаде Мелони. Тоа, рече таа, е она за што се залага Трамп.
Американскиот претседател неодамна го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“ поради одложувањето на изборите поради војната./Извор:Makfax