Мицкоски: Кривичниот законик ваков каков што е значи политичка амнестија за сторениот криминал, потребен е нов кој ќе биде дел од сеопфатната реформа на правосудниот систем
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во интервју дадено за централниот дневник на МТВ вели дека Кривичниот законик кој го донесе претходната Влада на СДСМ и ДУИ всушност значи амнестија од сторениот криминал, потенцирајќи дека е потребен нов Кривичен законик кој што ќе биде базиран на искуствата...
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во интервју дадено за централниот дневник на МТВ вели дека Кривичниот законик кој го донесе претходната Влада на СДСМ и ДУИ всушност значи амнестија од сторениот криминал, потенцирајќи дека е потребен нов Кривичен законик кој што ќе биде базиран на искуствата на земјите членки на Европската Унија.
„Одговорот на ова прашање ќе го поделам во два дела. Првиот дел е и за македонската јавност и за Брисел. Овој Кривичен законик ваков каков што е ќе значи амнестија условно кажано за дел од сторениот криминал за кои што постои основано сомнение и докази дали во фаза на истраги или во судска фаза. Зошто? Затоа што овој Кривичен законик за тие случаи е поповолен и согласно Уставот тие си го гледаат поповолниот, и тоа ќе значи застарување на дел од делата, без разлика дали ние ќе носиме нов, не може новиот да го надсинхронизира овој кој што е постојан. Така што тие кои што мислеа да си направат ваков тип на услуга си направија. И тука не треба да имаме дилеми“, изјави премиерот Мицкоски.
„Нов Кривичен законик, да сакаме да донесеме базиран на искуствата од земјите членки на ЕУ усогласени со нашиот сентимент и реалност кај нас дома. Таков еден Кривичен законик треба да се донесе, не велам не. Но, ќе повторам овој каков што е денеска, овозможува дел од предметите кои што се во судски процеси или во истрага за кои што постои основано сомневање и докази дека е сторен криминал, да застарат. И нов закон да повторам, не може да ги врати тие дела. Така што да заклучам, тие кои што сакале со тие измени на тој закон, кој што моментално е важечки да си обезбедат условно кажано политичка амнестија на криминал или вистинска амнестија на криминал, си ја завршија работата. Нов закон базиран на европски искуства ќе биде дел од сеопфатната реформа на судството и обвинителството кај нас. И да, планираме такво нешто да направиме“, дециден е премиерот Мицкоски.