Мицкоски: Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција, таа е инструмент за оздравување на нашата држава
Мицкоски: Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција, таа е инструмент за оздравување на нашата држава Интегрален текст од изјавата на премиерот Христијан Мицкоски: Почитувани колеги, претставници на институциите, почитувани гости, Секој народ има моменти кога мора да избере: ќе остане во удобната стагнација или...

Мицкоски: Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција, таа е инструмент за оздравување на нашата држава
Интегрален текст од изјавата на премиерот Христијан Мицкоски:
Почитувани колеги,
претставници на институциите, почитувани гости,
Секој народ има моменти кога мора да избере: ќе остане во удобната стагнација или ќе се соочи со потребата од длабоки и храбри промени. Државата е токму во еден таков момент – на раскрсницата помеѓу стариот систем и новата европска иднина.
Планот за раст и Реформската агенда не е само услов за интеграција. Таа е инструмент за оздравување на нашето општество. Интеграциите и растот се наш компас, но реформите мора да бидат наши одлуки, наши политики, наше национално зреење.
Корупцијата е системски проблем, не индивидуална девијација.
Да бидеме отворени и искрени – корупцијата кај нас не е само појава, таа е дел од начинот на функционирање на одредени делови од општеството. Таа е систем кој се штити сам себе. Ако сакаме во Европската Унија, ако сакаме раст мора да го урнеме тој систем.
Имаме наследени ситуации во кои граѓанинот се чувствува понижен, беспомошен, принуден да „плати за да добие“ – било тоа лекарска помош, правна заштита или некаква административна услуга. Таква држава не може да напредува.
А уште позагрижувачки е што институциите кои треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – често пати се неми, неефикасни или пак, под политичко влијание.
Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни.
Нема европско општество ако:
Обвинителот бира по кого ќе отвори предмет, а по кого ќе премолчи;
Судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по Устав и закон;
Граѓанинот ја губи довербата дека ќе добие правда.
Да цитирам еден од најпознатите мислители Жан-Клод Јункер, поранешниот претседател на Европската комисија:
„Европа не може да биде заедница на интереси ако не е пред сè заедница на вредности.“
А правдата, почитувани колеги, е највисока европска вредност.
Нашата одговорност, како политичари, е да создадеме услови за:
Целосна деполитизација на судството
Заштита на обвинителите и судиите од политички и бизнис притисоци, но и поинакви
Механизми за надворешен надзор и отчетност
Вистинска, а не формална поддршка на институциите за борба против корупцијата
Паралелно со правдата работиме на економска стабилност.
Ниту една држава не се развива само со институции – потребна е економија што функционира. Затоа Реформската агенда и Планот за раст мора да оди рака под рака со поддршката на домашните претприемачи, привлекување на странски инвестиции, но и фер пазар каде нема да има монополи, нема фаворизирани играчи и нема административни бариери за реалниот човек.
Европа бара конкурентност, но и социјална одговорност. Тоа значи иновации, но и правични плати. Тоа значи раст, но и заштита на работниците.
Време е да носиме одлуки, не да одложуваме.
Владата која ја предводам е свесна дека без отворен дијалог и вистинско партнерство со граѓанскиот сектор, не може да постигнеме трајни и инклузивни реформи. Затоа, нашата заложба е да ја продлабочиме соработката, преку:
редовни консултации при креирање на политики,
обезбедување финансиска и институционална поддршка за невладините организации
и унапредување на законската рамка која го гарантира вашето учество во процесите на одлучување.
Граѓанскиот сектор ни помага да ги чуеме гласовите кои понекогаш не стигнуваат до институциите – гласот на маргинализираните, гласот на младите, гласот на локалните заедници. Токму затоа, сакаме да изградиме однос којшто ќе се темели на доверба, почит и заедничка визија за подобро утре.
Почитувани,
Историјата нема да не суди по тоа што сме го кажале, туку по тоа што сме го направиле. Не ни треба нас дополнителни стратегии, ветувања. Ни треба искреност, доследност и спроведување. Ни треба нов однос кон правдата, кон правото, кон државата.
Нека нè води мислата на Робер Шуман:
„Европа ќе се изгради преку конкретни постигнувања кои прво ќе создадат солидарност.“
Време е за такви постигнувања.
Ви посакувам успешна работа, и ви ја гарантирам нашата отвореност за сугестии и соработка, на тој план.
Ви благодарам.