Мизрахи и вчера ги повторувала обвинувањата за Филипче кои денес тој со документи ги демантираше

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес на прес-конференција изнесе документи кои, според него, биле криени од јавноста, а се однесуваат на обвинувањата кон него за наводна одговорност во случајот со биолошката терапија на Клиниката за Онкологија. Имено, Филипче ги објави испечатени сите извештаи за работењето на Клиниката и комисиите, за...

Јан 28, 2025 - 00:00
 0  0
Мизрахи и вчера ги повторувала обвинувањата за Филипче кои денес тој со документи ги демантираше

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес на прес-конференција изнесе документи кои, според него, биле криени од јавноста, а се однесуваат на обвинувањата кон него за наводна одговорност во случајот со биолошката терапија на Клиниката за Онкологија. Имено, Филипче ги објави испечатени сите извештаи за работењето на Клиниката и комисиите, за кои беше обвинуван дека како министер не ги контролирал, односно дека тие извештаи не се изготвувале. Тој побара извинување од Мизрахи, која тогаш, во својство на претседател на Анкетната комисија, тврдеше дека такви извештаи немало. Мизрахи експресно реагираше и го обвини дека дополнително се заплеткува во скандалот.

Но, ако се анализираат настапите на Мизрахи, може да се забележи дека е точно дека таа тврдела во јавноста токму она што Филипче денес го демантираше, приложувајќи ги документите за кои рече дека веќе се доставени до Обвинителството. Еве што кажа Мизрахи пред само два дена:
„За потсетување, беше увидено дека никогаш не била формирана стручна комисија која разгледувала кои медикаменти и во која количина ќе бидат потребни на пациентите. Тоа било одлучувано на друго место“ – истакна Мизрахи вчера на панел-дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Моќта на лековите: живот или профит“ за случувањата во Клиниката за онкологија.

Но денес, Филипче објави документи дека стручните комисии биле формирани и истите ги достави во јавноста. Понатаму, на истата трибина, Мизрахи рече:
„Недостасувале шестмесечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку коишто се довела самата Клиника во долгови до 12 милиони евра.“

Меѓутоа, денес Филипче на прес-конференцијата ги објави шестмесечните извештаи за кои беше обвинуван дека не се подготвувале. Овие документи фрлаат ново светло на настаните и на тоа дали Филипче како министер воопшто има одговорност во случајот, ако се земе предвид дека тој беше обвинет, пред сè, од Мизрахи дека не постапувал и не ги контролирал извештаите.

Филипче денес кажа дека сите новооткриени документи ги доставил до Обвинителството, кое треба да ги земе предвид во истрагата. Тој очекува исто така Обвинителството да истражи зошто тие документи не биле доставени до нив од страна на Министерството за здравство тогаш кога биле побарани и зошто е дозволено јавноста да се сомнева дека тој како министер е одговорен за неспроведување на процедурите, кога сите тие документи биле достапни во Министерството и електронскиот систем.