Мизрахи демантирана: Документи на Клиниката за онкологија ги негираат обвинувањата против Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес на прес-конференција презентираше документи кои, како што тврди, ја побиваат критиката дека во периодот кога бил министер за здравство не ги контролирал извештаите за работењето на Клиниката за онкологија. Филипче ги презентираше сите извештаи кои, според него, покажуваат дека стручните комисии биле формирани и...

Јан 28, 2025 - 00:00
 0  0
Мизрахи демантирана: Документи на Клиниката за онкологија ги негираат обвинувањата против Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес на прес-конференција презентираше документи кои, како што тврди, ја побиваат критиката дека во периодот кога бил министер за здравство не ги контролирал извештаите за работењето на Клиниката за онкологија. Филипче ги презентираше сите извештаи кои, според него, покажуваат дека стручните комисии биле формирани и дека редовно доставувале извештаи.
Тој ја повика пратеничката Рашела Мизрахи, која тогаш раководеше со Анкетната комисија, да се извини поради тврдењата дека такви извештаи не постоеле. Мизрахи брзо реагираше, повторно обвинувајќи го Филипче дека се обидува да ги прикрие пропустите.
Филипче објасни дека документите се веќе доставени до Обвинителството и побара истрагата да утврди зошто тие претходно не биле доставени од страна на Министерството за здравство.
Пред само два дена, Мизрахи на панел-дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ, под наслов „Моќта на лековите: живот или профит“, изјави:
„За потсетување, беше увидено дека никогаш не била формирана стручна комисија која разгледувала кои медикаменти и во која количина ќе бидат потребни на пациентите. Тоа било одлучувано на друго место.“
Филипче денес презентираше докази дека стручните комисии постоеле и работеле. Понатаму, Мизрахи на истата трибина истакна:
„Недостасувале шестмесечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку коишто се довела самата Клиника во долгови до 12 милиони евра.“
Спротивно на овие тврдења, Филипче објави шестмесечни извештаи од Клиниката за онкологија, потврдувајќи дека тие постоеле и биле редовно подготвувани.
„Сите овие документи веќе се доставени до Обвинителството, кое треба да утврди зошто не биле споделени со јавноста кога биле побарани и зошто се создаде слика дека јас како министер сум одговорен за неприменување на процедурите,“ рече Филипче.
Тој додаде дека очекува Обвинителството да ја заврши истрагата и да ги расчисти сите дилеми околу случајот.