Пакистан: Индија ги нападна нашите воени бази, започнавме операција за одмазда
Пакистанската војска објави дека Индија извршила напади во текот на ноќта врз неколку пакистански воени бази, вклучувајќи локации во близина на главниот град Исламабад. Исламабад објави дека, како одговор, започнал голема воена операција наречена „Бунџанун Марсус“, тврдејќи дека возвратил со ракетни напади врз индиски цели. „Индија ги таргетираше базите Нур...

Пакистанската војска објави дека Индија извршила напади во текот на ноќта врз неколку пакистански воени бази, вклучувајќи локации во близина на главниот град Исламабад. Исламабад објави дека, како одговор, започнал голема воена операција наречена „Бунџанун Марсус“, тврдејќи дека возвратил со ракетни напади врз индиски цели.
„Индија ги таргетираше базите Нур Кан, Шоркот и Мурид со своите борбени авиони. Сите ракети беа пресретнати и не предизвикаа значителна штета“, изјави портпаролот на пакистанската војска, генерал-потполковник Ахмед Шариф Чаудри, во соопштение емитувано на државната телевизија.
Тој додаде дека индиските сили, исто така, лансирале ракети и беспилотни летала кон Авганистан, но Си-ен-ен не можеше независно да ги потврди тие тврдења и побара коментар од индиското Министерство за одбрана и воздухопловните сили.
Кратко по тие обвинувања, пакистанската војска објави дека започнала одмаздничка операција наречена „Бунџанун Марсус“, што од арапски се преведува како „непробоен ѕид“, а името е земено од Куранот.
„Пакистан одговара!!“, објави армијата на социјалните мрежи, наведувајќи дека целите на операцијата биле клучни воени локации на индиската војска. Според официјалните информации, уништено е складиште на суперсонични крстосувачки ракети „Брамос“ во областа Бијас, а погодени се и воздухопловните бази Патанкот и Удхампур.
„Во духот на принципот „око за око“, ги таргетиравме базите што Индијците ги користеа за да го нападнат Пакистан“, се вели во соопштението.
„БраМос“ е суперсонична ракета со долг дострел, заеднички развиена од Индија и Русија, чии залихи Пакистан сега тврди дека ги уништил.
Си-ен-ен не беше во можност независно да ја потврди оваа информација.
Веднаш по обвинувањата на Пакистан за индискиот напад, Владата на Пакистан објави на платформата X: „Индија сега мора да се подготви за одговорот на Пакистан“. Во пораката се вели дека пакистанските вооружени сили се „целосно подготвени да ја бранат татковината, воздушниот простор и националната безбедност“.
Државната телевизија, исто така, потврди дека официјално започнала воена одмазда и дека нападите се во тек./Извор:Makfax