„Простор за поддршка“ – Во Кочани ќе се одржат групни работилници за справување со траума, загуба и заедничко заздравување
По трагичниот настан во кој животот го загубија над 60 млади луѓе, Кочани остана во тишина. Болка, шок, неверување и чувство на беспомошност се уште тивко живеат во многу млади, семејства и професионалци. Зад оваа тишина се кријат луѓе кои не знаат како да се справат со она што го...

По трагичниот настан во кој животот го загубија над 60 млади луѓе, Кочани остана во тишина. Болка, шок, неверување и чувство на беспомошност се уште тивко живеат во многу млади, семејства и професионалци. Зад оваа тишина се кријат луѓе кои не знаат како да се справат со она што го чувствуваат – и тоа е разбирливо.
Но токму затоа е важно да не останеме сами. Да создадеме простор каде што ќе може да се зборува, да се чуе, да се издржи заедно и полека – да се заздравува.
Овој мај започнува програмата „Простор за поддршка“ – серија бесплатни групни работилници за:
- Млади (14–25 години) – кои не се чувствуваат подготвени да зборуваат индивидуално, но ќе се придружат на група со која можат да се слушнат, препознаат и поддржат.
- Семејства на настраданите, но и сите оние кои се чувствуваат погодени – за поддршка во процесот на жалење, справување со тагата и грижата за своите најблиски.
- Професионалци – пожарникари, наставници, полицајци, здравствени работници – оние кои беа таму, и оние кои секојдневно ја носат тежината на другите.
Работилниците ќе се одржуваат во Кочани, секој викенд почнувајќи од 10 мај, во циклуси од:
- 8 сесии за млади и семејства (секоја сабота)
- 4 сесии за професионалци (секоја втора сабота)
Сесиите се водени од искусни психолози и психотерапевти и вклучуваат техники за стабилизација, споделување и градење психолошка отпорност. Учеството е целосно бесплатно и доверливо.
Пријави се:
Доколку сакате да учествувате, да вклучите некој близок или само да дознаете повеќе, контактирајте нѐ на:
078 313 306
Да не дозволиме тишината да остане гласот на болката.
Да си помогнеме – сега, кога е најпотребно.
Реализацијата на проектот е овозможена од dm Македонија во соработка со стручниот тим на Психолошкиот Центар Алтернатива – Групација Алтернатива.