Трамп: Зеленски ќе биде вклучен во мировните преговори
Американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше на тоа дека Украинецот Володимир Зеленски ќе биде вклучен во какви било мировни преговори за ставање крај на војната со Русија, а исто така рече дека може да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин „многу наскоро“. „Нема одредено време, но тоа би можело да...

Американскиот претседател Доналд Трамп инсистираше на тоа дека Украинецот Володимир Зеленски ќе биде вклучен во какви било мировни преговори за ставање крај на војната со Русија, а исто така рече дека може да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин „многу наскоро“.
„Нема одредено време, но тоа би можело да биде многу наскоро“, им рече Трамп на новинарите во Air Force One на прашањето за потенцијален состанок со Путин, најверојатно во Саудиска Арабија.
„Мислам дека тој сака да ја заврши војната и тие и двајцата сакаат брзо да ја завршат“, рече тој. „Зеленски исто така сака да стави крај.
Подоцна во Флорида – каде Трамп го гледаше Дејтон 500 им рече на новинарите дека Зеленски „ќе биде вклучен“ во мировните преговори поради некои стравувања дека Вашингтон ќе склучи договор со Русија што може да ги заобиколи Киев и Европа.
Блумберг, повикувајќи се на неименувани официјални лица, вчера објави дека Трамп сака да обезбеди примирје до Велигден.
Коментарите дојдоа додека клучните американски лидери се подготвуваа за разговори со Русија во Саудиска Арабија во наредните денови, предводени од државниот секретар Марко Рубио.
Ќе учествуваат и блискоисточниот преговарач Стив Виткоф и советникот за национална безбедност Мајк Волц, соопшти Белата куќа.
„Се надеваме дека ќе постигнеме навистина добар напредок“, изјави Виткоф за „Фокс њуз“.
Трамп им рече на новинарите дека неговиот тим имал „долги и тешки“ разговори со руски официјални лица и дека Виткоф неодамна разговарал со Путин три часа.
Во изјава за Си-Би-Ес, Рубио, кој пристигна во Израел на 15 февруари по учеството на Минхенската безбедносна конференција, рече дека наредните денови ќе одредат дали Путин е сериозен за мирот во Украина.
До рано утринава остана нејасно прашањето кој ќе биде вклучен во разговорите во Саудиска Арабија или кога би можеле да се одржат.
Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, предизвика контроверзии кога рече дека Европа можеби нема да биде „на маса“ доколку САД посредуваат во преговорите за ставање крај на руско-украинската војна.
Ова ги зголеми стравувањата во ЕУ и во Киев дека тие би можеле да бидат исклучени од одлуките во врска со потенцијалниот договор.
Сепак, Келог рече дека Европа нема да биде исклучена од процесот на донесување одлуки – дури и ако не е „на маса“ – и дека Украина ќе има свое место во преговорите, иако Киев рече дека не биле поканети на разговорите во Саудиска Арабија.
Зеленски пристигна на Блискиот Исток на 16 февруари, но Киев рече дека неговата посета на Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Турција има за цел зајакнување на економските врски и дека нема планови за средби со американски или руски претставници.
Михаило Подољак, висок советник на Зеленски, рече дека „нема преговарач кој ќе ја претставува Украина во Саудиска Арабија“ во мировните преговори.
„Денеска нема ништо на преговарачката маса за што може да се разговара. Русија не е подготвена за преговори“, изјави тој за украинската телевизија.
Претходно, Зеленски рече дека нема да учествува во преговорите пред да се сретне со сојузниците, вклучително и европските лидери, за да се развие стратегија.
„Никогаш нема да прифатам какви било одлуки меѓу САД и Русија за Украина, никогаш“, изјави Зеленски за NBC на маргините на Минхенската безбедносна конференција./Извор:Makfax