Убиецот на Чарли Кирк за прв пат се појави пред суд
Мажот обвинет за убиство на десничарскиот активист Чарли Кирк, 22-годишниот Тајлер Робинсон, се појави за прв пат лично на суд во четвртокот. Неговото појавување доаѓа во време кога судијата одлучува за клучно прашање – дали на медиумите ќе им биде дозволено да снимаат во судницата за време на овој високопрофилиран...
Мажот обвинет за убиство на десничарскиот активист Чарли Кирк, 22-годишниот Тајлер Робинсон, се појави за прв пат лично на суд во четвртокот.
Неговото појавување доаѓа во време кога судијата одлучува за клучно прашање – дали на медиумите ќе им биде дозволено да снимаат во судницата за време на овој високопрофилиран случај, пишува Би-Би-Си.
Адвокатите на Тајлер Робинсон и Канцеларијата на шерифот на округот Јута побараа од судијата да ги забрани камерите, изразувајќи загриженост дека интензивното медиумско внимание може да го загрози правото на фер судење. Од друга страна, вдовицата на Кирк и коалицијата на национални и локални медиумски куќи инсистираат на транспарентност на постапката.
Ерика Кирк, која се бори против теориите на заговор за смртта на нејзиниот сопруг, исто така повика на транспарентност. Минатиот месец, таа изјави за Фокс њуз, „заслужуваме камерите да бидат таму“.
Робинсон е обвинет за тешко убиство и други кривични дела, а обвинителите објавија дека ќе бараат смртна казна. Обвинетиот сè уште не се изјаснил за виновен.
Робинсон им се предаде на властите по обемната потрага започната откако Кирк беше застрелан и убиен на настан на отворено на Универзитетот Јута Вали во септември. Тој му го признал злосторството на својот татко, кој го препознал на фотографиите објавени од властите и кој на крајот го убедил да се предаде./Извор:Makfax