(Видео) Трамп му се обрати на Конгресот: „Американскиот сон е незапирлив“

Американскиот претседател Доналд Трамп одржа говор пред двата дома на Конгресот во кој ги презентираше активностите на неговата администрација во првите 40 дена и најави дополнителни мерки, оценувајќи дека првиот месец од неговиот мандат бил најуспешен во американската историја. „Првиот месец од мојот мандат е најуспешен во историјата“, тврди Трамп,...

Мар 5, 2025 - 11:00
 0  3
(Видео) Трамп му се обрати на Конгресот: „Американскиот сон е незапирлив“

Американскиот претседател Доналд Трамп одржа говор пред двата дома на Конгресот во кој ги презентираше активностите на неговата администрација во првите 40 дена и најави дополнителни мерки, оценувајќи дека првиот месец од неговиот мандат бил најуспешен во американската историја.

„Првиот месец од мојот мандат е најуспешен во историјата“, тврди Трамп, наведувајќи дека втор најуспешен е Џорџ Вашингтон.

Тој рече дека пред шест недели, неговата инаугурација „ја прогласи зората на златното доба на Америка“. Досега немаше „ништо освен брза акција“, рече Трамп, додавајќи дека досега неговата администрација направила повеќе од другите во четири цели години. „И ние сме само на почетокот“, рече тој.

„За моите сограѓани, Америка се врати“, рече Трамп во својот говор, на громогласни овации и аплауз од републиканците. Потпишани се над 1.000 одлуки, ова е време за големи соништа, изјави американскиот претседател.

Во текот на целото обраќање на Трамп, републиканците на Капитол стоеја аплаудирајќи и одобрувајќи, додека демократите држеа табли на кои пишуваше „Неточно“ и „Маск краде“.

Зборувајќи за брзите достигнувања на неговата администрација во првите 44 дена, Трамп го издвои проблемот со имигрантите, велејќи дека тие „одлучиле да не доаѓаат откако ги слушнале моите закани“.

„Ја испратив американската армија и граничната патрола да ја одбијат инвазијата на границите на земјата“, рече тој, додавајќи дека „нелегалните преминувања минатиот месец беа убедливо најниските досега забележани“.

Трамп потсети дека го преименувал Мексиканскиот залив во Американскиот залив и го прогласил англискиот за официјален јазик на САД.

Тој истакна дека „американскиот сон е незапирлив“ пред да продолжи да се фали со својата победа на изборите на 5 ноември, кои ги нарече „мандат што не е виден со децении“ и тврдејќи дека ги освоил сите седум сојузни држави, нешто што републиканците не го направиле со децении.

Трамп потсети дека ја потпишал одлуката за признавање само два пола, машки и женски, и забрана на трансродовите спортисти да се натпреваруваат.

Во својот говор, американскиот претседател се пофали со намалување на инфлацијата и пад на каматните стапки. Тој му се заблагодари на Илон Маск, кој исто така беше во салата, за кратењата што ги презеде новоформираното Министерство за владина ефикасност (ДОГЕ) за да ги намали владините трошоци.

„Да ја направиме Америка повторно достапна“, рече Трамп, ветувајќи дека ќе ја спаси американската економија.

„Меѓу моите највисоки приоритети е да ја спасам нашата економија и да им понудам олеснување“ на работничките семејства, рече Трамп.

Притоа, тој ја обвини претходната администрација, велејќи дека наследиле „економска катастрофа и инфлаторен кошмар“, додавајќи дека „секој ден се бори“ да ја сврти и „Америка да ја направи повторно прифатлива“.

Тој го обвини неговиот претходник Џо Бајден за вртоглавото зголемување на цените на јајцата овие денови, велејќи дека тие се „надвор од контрола“ и дека работи напорно за да ги урне.

Трамп укажа на големиот дефицит со Мексико и Канада, тврдејќи дека воведувањето царини за овие две земји ќе поттикне бум во американската автомобилска индустрија.

Канада и Мексико „дозволија фентанил да влезе во нашата земја на нивоа што досега не биле видени“, рече Трамп. Белата куќа претходно соопшти дека високите царини што САД ги наметнуваат на стоки од Канада и Мексико имаат за цел да ги притиснат да го запрат протокот на фентанил и мигранти во САД.

Американскиот претседател вети и намалување на даноците за сите и ги повика демократите да гласаат за предложените измени.

„Сè што е направено во првите 40 дена сведочи дека работиме на големото ослободување на Америка, тврди Трамп, истакнувајќи дека САД добиле 1,7 трилиони долари нови инвестиции „само во последните неколку недели“.

„Мојата администрација ќе го бара Панамскиот канал и веќе почнавме да работиме на тоа“, рече Трамп, мислејќи на прашањето за преземање на управувањето со Панамскиот канал, што тој претходно го најави. Според него, голема американска компанија денеска објави дека ги купува двете пристаништа во Панамскиот канал. Тој најави и поттикнување на бродоградежната индустрија.

„Имам вечерва порака за неверојатниот народ на Гренланд: Силно го поддржуваме вашето право да одлучувате за сопствената иднина“, рече Трамп. „И ако одлучите, ние ви посакуваме добредојде во Соединетите Американски Држави“, рече тој, наведувајќи дека на САД им е потребен Гренланд „за национална безбедност и меѓународна безбедност“ и дека мисли дека „на овој или оној начин ќе го добиеме“.

Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Трамп рече дека работи на враќање на заложниците.

Мал број демократи станаа и излегоа од салата кога Трамп зборуваше за Украина. Тврдејќи дека милиони Украинци биле убиени и дека САД испратиле стотици илјади долари помош, Трамп рече дека сака војната да престане. Тој ја критикуваше Европа, тврдејќи дека потрошила повеќе пари на руска нафта отколку на помош за Украина.

Трамп го цитираше претседателот Володимир Зеленски и неговата денешна изјава. Украина е подготвена да потпише договор за ретки минерали, рече Трамп, тврдејќи дека е време да се запре убиството и да се разговара со двете страни./Извор:Makfax