Закон за зголемување на породилното отсуство од девет на осумнаесет месеци, бара Левица
На денешната прес-конференција на Портпаролот на Левица и пратеник во Собранието, Амар Мециновиќ, кажа дека пратеничката група на Левица поднела измени на Законот за работни односи со цел зголемување на породилното отсуство: „Левица предлага зголемување на породилното отсуство на мајките од девет на осумнаесет месеци. Ова е една од мерките...

На денешната прес-конференција на Портпаролот на Левица и пратеник во Собранието, Амар Мециновиќ, кажа дека пратеничката група на Левица поднела измени на Законот за работни односи со цел зголемување на породилното отсуство:
„Левица предлага зголемување на породилното отсуство на мајките од девет на осумнаесет месеци. Ова е една од мерките која нам ни е многу важна и е дел од нашата програма за која сметаме дека ќе наиде на слух кај владејачкото мнозинство ако земеме во предвид дека ВМРО-ДПМНЕ пред седум години предложи сличен закон” – истакна Мециновиќ.
„Овие трети измени во ЗРО кои ги поднесуваме се со цел подобрување на социјалната и економската заштита на мајките и семејствата во Република Македонија. Предлог-законот што го поднесуваме предвидува продолжување на платеното породилно отсуство од сегашните девет до петнаесет месеци, зависи од ситуацијата, на осумнаесет месеци непрекинато за било која можна ситуација. Без разлика дали е случај со едно дете, со повеќе деца или со посвојување.
Ова има за цел да овозможи на мајките физичко закрепнување и градење здрава врска со нивните деца, без страв од финансиска несигурност или губење на работното место. Овие измени се неопходни поради низа причини, од кои првата е здравиот разум и фактот дека нашата држава е социјална држава” – објасни пратеникот од Левица.
„Понатаму, можеме да ги издвоиме научните докази за важноста на првите месеци од животот, каде што истражувањата покажуваат дека долгото и квалитетно време поминато со родителот во животот е клучно за психофизичкиот развој на детето. Нашата држава треба да креира безбедни и оптимални услови за родителство. Во повеќето европски земји породилното и родителското отсуство се значително подолги” – образложи тој.
„Во сегашниот систем, многу родители, мајки, се принудени да се вратат на работа порано од што е препорачливо, поради финансиски причини. Оваа измена ќе ја намали финансиската неизвесност и ќе им овозможи на семејствата стабилност” – заклучи Мециновиќ.