55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства – почна изградбата на ветерниот парк кај Штип

Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства. Премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата. „После нешто повеќе од една...

јул 16, 2025 - 17:30
 0  0
55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства – почна изградбата на ветерниот парк кај Штип

Со поставување камен темелник денеска стартуваше изградбата на ветерен парк во близина на Штип, каде „Алканзар енерџи партнерс“, со инвестиција од 500 милони долари ќе изгради 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 илјади домаќинства.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го означи почетокот на изградбата.

„После нешто повеќе од една година, тоа што го ветивме, денеска добива завршница – завршница на првата фаза“, изјави Мицкоски на настанот.

Инвестицијата беше најавена вториот ден по изборот на Владата, а Мицкоски ја нарече „драјвер и модел како треба да се движиме понатаму“ во секторот на обновливи извори на енергија.

Премиерот нагласи дека минатата година била рекордна по странски директни инвестиции, достигнувајќи 1,255 милијарди евра. Како индикатори за економски напредок тој ги наведе растот на извозот на земјоделски производи за 57%, зголемување на бројот на туристи за 22% и индустриски раст од 9,4% во мај.

„Не може да имате силна економија без враќање на довербата кај инвеститорите. А довербата се враќа преку дисциплина и борба против криминал и корупција“, рече Мицкоски.

Тој се заблагодари на сите институции, општини и универзитетски кадар вклучени во проектот, нарекувајќи го ветерниот парк „целосно македонски производ – од проектирање до изведба“.

„Да ни е аирлија и да ни се множат уште многу вакви инвестиции“, порача премиерот.

На настанот се обрати и вицеремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски кој ја истакна огромната важност на проектот, како за државата и граѓаните, така и за развојот на економијата и создавање можности за конкурентност на македонската индустрија на европскиот пазар.

„Кога патуваме надвор, она што можеби најмногу не’ импресионира, особено во Северна Европа, е кога ќе ги видеме ветерниците и тоа е некој симбол за развој, симбол за прогрес, симбол за 21. век и каде се движи човештвото. Така што, ова што ќе се случува во годините пред нас, е и психолошки добро да покажеме, дека како нација можеме да водиме големи проекти“, рече Николоски.

Во однос на економијата, додаде дека тука имаме директен и индиректен импакт. Директниот импакт е она што ќе се произведе и што ќе се продаде, кое што директно влегува во БДП. Но индиректниот е многу поголем, не само во изградбата во годините што следуваат пред нас, не само во придобивките кои што ќе ги имаат трите општини, на чија што територија ќе биде овој ветерен парк, туку пред се’ за стопанството и за индустријата.

На настанот се обратија и директорот на компанијата и инвеститор, Даниел Калдерон, како и министерката за енергетика, Сања Божиновска./Извор:Makfax