Дваесет и три години од нападот кај Карпалак

Денеска се одбележуваат 23-годишни од загинувањето на десетте резервисти од Прилеп кај месноста Карпалак. Делегации на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и Собранието ќе положат цвеќе на спомен-плочата на бранителите на местото на кое загинаа и пред спомен-обележјето во центарот на Прилеп. Положувањето на венците со свежо цвеќе кај...

авг 8, 2024 - 18:00
 0  1
Дваесет и три години од нападот кај Карпалак

Денеска се одбележуваат 23-годишни од загинувањето на десетте резервисти од Прилеп кај месноста Карпалак.

Делегации на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата и Собранието ќе положат цвеќе на спомен-плочата на бранителите на местото на кое загинаа и пред спомен-обележјето во центарот на Прилеп.

Положувањето на венците со свежо цвеќе кај месноста Карпалак ќе се одржи во 9 часот, а во Прилеп од 13 часот.

Делегација на Собранието, во состав: Билјана Кузмановска, Миле Талевски и Павле Арсоски, ќе положи свежо цвеќе во 13 часот пред комплексот Карпалак во Прилеп.

Масакрот кај Карпалак е најмногуброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин – два автобуса – камион и комбе од прилепската касарна одел кон Тетово.

Кај месноста Карпалак конвојот бил пресретнат во терористичка заседа во 9.30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.

Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часа.

Жртви во крвавиот масакр кај Карпалак беа Нане Наумоски од Прилеп, Сашо Китаноски од Прилеп, Бранко Секулоски од Прилеп, Горан Миноски од Прилеп, Марко Деспотоски од прилепско Новоселани, Ердован Шабаноски од Прилеп, Љубе Грујоски од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски од прилепско Ропотово, Веби Рушитоски од Прилеп и Пеце Секулоски од прилепско Бело Поле./Извор:Makfax