Филипче од Јакреново: Таму каде што СДСМ има градоначалници, има резултати
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја посети општина Крушево, каде што заедно со градоначалникот и кандидат на СДСМ за уште еден мандат, Томе Христовски, со жителите од селото Јакреново разговараше за реализираните и идните проекти. „Сакам да ви кажам дека не би дошол да побарам поддршка за човек и...
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја посети општина Крушево, каде што заедно со градоначалникот и кандидат на СДСМ за уште еден мандат, Томе Христовски, со жителите од селото Јакреново разговараше за реализираните и идните проекти.
„Сакам да ви кажам дека не би дошол да побарам поддршка за човек и за тим во којшто не верувам. Бидејќи нема општина што ја води СДСМ, а да нема резултати. Нема место каде граѓаните не се слушнати. Од Центар, Крива Паланка, Кривогаштани, Дојран, Валандово, секаде луѓето работат посветено, реализираат инфраструктурни проекти, решаваат реални проблеми и создаваат подобри услови за живот“, истакна Филипче.
Филипче порача дека токму таквиот пристап на отвореност, домаќинско работење и почит кон секој граѓанин ја разликува СДСМ од политичките противници.
„Секаде се луѓето отворени, секаде луѓето слушаат, не прават поделба, секаде луѓето ги реализираат ветените програми и тоа вистински како што треба. Вистински инфраструктури проекти. И тоа не морам јас да ви го кажувам, вие тоа најдобро го знаете. Ако треба асфалтирање, водовод и канализација, градинка, училиште што и да треба градоначалникот излегува во пресрет“, потенцира Филипче.
Тој додаде дека во многу средини има обиди за поткуп, но повика граѓаните да одолеат на таквите притисоци и да дадат поддршка на луѓето кои работат чесно и со вистински резултати.
„Ако има добри резултати, чесно е да се даде поддршка, затоа што не се бара нешто што е непринципиелно и нешто што е политиканство. Домаќин човек којшто комуницира со сите вас. И да можеме утре пак да дојдеме и да се чувствуваме како дома и да можеме со дигната глава да одиме по улици“, порача претседателот на СДСМ од Јакреново.