Филипче: Владата на СДСМ донесе над 20 закони и законски измени во правосудството

Владата на СДСМ беше сериозна во реформите во правосудството. Имаше Стратегија за реформи во правосудството, а беа донесени и над 20 закони или законски измени во оваа сфера. Ова го вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“. Според него, реформата на правосудството не е само неопходна...

авг 17, 2024 - 12:00
 0  2
Филипче: Владата на СДСМ донесе над 20 закони и законски измени во правосудството

Владата на СДСМ беше сериозна во реформите во правосудството. Имаше Стратегија за реформи во правосудството, а беа донесени и над 20 закони или законски измени во оваа сфера.

Ова го вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“. Според него, реформата на правосудството не е само неопходна за државата и за граѓаните, туку е и обврска од агендата за пристапување во ЕУ.

Во интервјуто, Филипче наведува и други чекори што се однесуваат на реформската агенда за правосудството, а кои ги спровела Владата на СДСМ.

„Впрочем Владата на СДСМ беше таа која побара Брисел да испрати оценска мисија за Судскиот совет и согласно препораките на европските експерти почна да се работи и на измените на законот за Судски совет. Успешно се спроведе скринингот за Поглавјата 23 и 24 и беше подготвен и прифатен од Брисел и Патоказот за владеење на правото како една од клучните обврски за преговорите со ЕУ. Сите овие резултати не се занемарување и покажува дека СДСМ сепак имал искрена намера во однос на процесите во правосудството“, вели Филипче.

Филипче потенцира дека актуелната Влада не сменила ништо од она што како реформски обврски е договорено со ЕУ во Планот за раст.

„На никој не му е јасно зошто е потребно ВМРО-ДПМНЕ да ги лажат граѓаните и да се создава конфузија. Инаку, на темата распуштање на советите уште кога беше на власт СДСМ, имаше јасна порака од меѓународната заедница дека таквиот чекор е неприфатлив и дека постои огромен ризик од политичко влијание“, појаснува Филипче.

Што се однесува до барањето на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, Филипче вели: „ Ние јасно го кажавме нашиот став, а тоа е дека каква било реформа во правосудството мора да биде мониторирана и одобрена од меѓународната заедница. Апсолутно не веруваме, а на тоа нè учи историјата, дека ВМРО-ДПМНЕ има искрени намери да го реформира судството, напротив, сакаат да го скројат согласно своите потреби“, смета Филипче.