Филипче: Застојот на интеграциите за Македонија е губење милијарди евра поддршка од ЕУ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната Комисија за европски прашања и Национален совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024–2027, презентираше споредбени податоци за користење на европските фондови на земјите членки на ЕУ и Северна Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ. Филипче, кој воедно е и...

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната Комисија за европски прашања и Национален совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024–2027, презентираше споредбени податоци за користење на европските фондови на земјите членки на ЕУ и Северна Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ.
Филипче, кој воедно е и претседавач со Националниот совет, посочи дека постои голема разлика помеѓу поддршката што ја користи Македонија како земја кандидат и земјите кои се приклучија во ЕУ, како на пример Бугарија, Хрватска и Романија. Северна Македонија во моментов, како земја кандидат за членка во ЕУ, заедно со останатите земји од Западен Балкан ја користи само поддршката од ИПА инструментот.
„Од 2007 до 2013 година на располагање сме имале околу 4 милијарди евра и плус 1,3 милијарди евра за меѓугранична соработка. Во следниот период, од 2017 до 2020 година, сме имале 4,2 милијарди евра плус 2,3 милијарди евра за меѓугранична соработка. Во истиот тој период, Бугарија и Романија добиле 46 милијарди евра од европските развојни фондови. Кога тоа го споредуваме со процентот на бруто-домашниот производ, ние, како земји од Западен Балкан, во просек сме добиле околу 5% од БДП по глава на жител поддршка од ЕУ, додека Бугарија и Романија добиле 25%. Сега, за периодот од 2024 до 2027 година, тие добиваат 41 милијарда евра, а ние сега го користиме Планот за раст што е многу помал, или вкупно за сите земји околу 7 до 8 милијарди евра“, рече Филипче.
Во обраќањето на Националниот совет, Филипче, говорејќи за развојните европски фондови и нивното значење за напредокот на државата, посочи дека не постои ниту еден друг извор на средства, ниту можност кој ќе вложи во човечки капитал, а токму со инвестирањето во отворена економија базирана на знаење и едукација, ќе се дадат видливи резултати.
„Време е да гледаме низ една друга перспектива. Што и да е на масата, каква и да е пречка исправена пред нас, мора да се обединиме, поради тоа што кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме. Најлошото сценарио е сите овие проблеми да ги оставиме на страна да ги решаваат следните генерации“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.