Кампања „Алкохолот е лош сопатник – не пиј кога возиш!“
Во рамките на летната кампања „За безбедно лето“, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје, реализира кампања под мотото „Алкохолот е лош сопатник – не пиј кога возиш!“ Кампањата се реализира со цел укажување на штетното...
Во рамките на летната кампања „За безбедно лето“, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје, реализира кампања под мотото „Алкохолот е лош сопатник – не пиј кога возиш!“
Кампањата се реализира со цел укажување на штетното дејство на алкохолот врз способноста за управување со моторно возило и подигнување на свеста кај возачите за одговорно учество во сообраќајот.
Алкохолот е една од водечките причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со фатални последици, кои може да ги засегнат не само возачите, туку и сопатниците и пешаците. Возењето под дејство на алкохол, дури и при ниски нивоа на алкохол во крвта, предизвикува проблеми со концентрацијата на возачите, ја намалува координацијата на мускулите и ја нарушува способноста за расудување и идентификација на ризиците во околината на патот.
Токму затоа со оваа кампања, преку едукативно-превентивен материјал и разговори со возачите, се укажува на значењето на одговорното возење, почитувањето на сообраќајните правила и прописи, внимателноста и грижата за сите учесници во сообраќајот. Се препорачува возачите да користат такси превоз доколку одлучат да користат алкохол, или, пак, нивното возило да го управува сопатник/пријател кој не пиел, како и одземање на клучевите од возилото на вашиот пријател кој користел алкохол со цел спречување да вози пијан и осигурување на неговата безбедност.
РСБСП апелира: Не управувај со моторно возило доколку си под дејство на алкохол! Грижи се за својата и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Вози одговорно и патувај безбедно.