Костадиновска-Стојчевска: Со измените власта го уназади Законот за македонски јазик, а Инспекторатот од независен го претвори во одделение на Министерството за култура
Со Законот за употреба на македонскиот јазик кој го донесовме со поддршка од сите пратеници, во јануари 2024 година, после 18 години, за првпат се воведе јасна контрола на тоа како ќе се употребува македонскиот јазик, каде и дали правилно, како и формирањето на независен Инспекторат. Денес, преку предложените измени,...

Со Законот за употреба на македонскиот јазик кој го донесовме со поддршка од сите пратеници, во јануари 2024 година, после 18 години, за првпат се воведе јасна контрола на тоа како ќе се употребува македонскиот јазик, каде и дали правилно, како и формирањето на независен Инспекторат. Денес, преку предложените измени, сведочиме на уназадување на тој напредок, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска.
– Со укинување, на став 2 од членот 1, Инспекторатот ја губи својата правна и буџетска независност и се претвора во одделение во Министерството за култура и туризам – спротивно на она што беше договорено и што го ветивме во 2024 година. Иако стручната јавност, вработените во Министерството и сите засегнати страни побараа Инспекторатот да остане независен, денес тоа се поништува, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потенцираше дека дополнително, предложените измени не обезбедуваат јасни критериуми ниту за избор, ниту за разрешување на директорот на Инспекторатот.
– Во член 22 се вели дека Владата именува директор преку јавен оглас, но без јасна постапка и без дефинирани услови за селекција. Се предвидува дури и директорот да може да биде разрешен поради „привремена неспособност“, без појаснување што тоа значи, ниту предвидена жалбена постапка, рече пратеничката на СДСМ.
Со измените на Законот се намалуваат и стручните критериуми: наместо исклучиво меѓународно признати сертификати за познавање јазици, се дозволува и „друг документ“, со што се снижува критериумот.
– И покрај донесениот закон, скоро година и пол немаше сериозен обид тој да профункционира – ниту беа усогласени внатрешните акти на Министерството, ниту беа вработени нови лектори, ниту се спроведе систематизацијата. Денес гледаме дека Агенцијата за промоција на туризмот сè уште функционира со старата структура, што покажува дека нема капацитет. Наместо да го зајакнеме законот, се прави обид да се ограничи автономијата на телото кое треба да ја следи и штити употребата на македонскиот јазик. Ова е директен удар врз она за што се боревме – независен, стручен и функционален Инспекторат, рече Стојчевска Костдиновска.