Министерката за енергетика Божиновска, дел од фабрика за производство на хулахопки

Министерката за енергетика Сања Божиновска во Република Чешка била дел од компанија што произведувала еколошки биоразградливи хулахопки, открива Радио Слободна Европа, повикувајќи се на документи и написи на чешки медиуми. Во анкетниот лист, покрај недвижностите во станови вредни над еден милион евра, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања...

авг 30, 2024 - 18:00
 0  1
Министерката за енергетика Божиновска, дел од фабрика за производство на хулахопки

Министерката за енергетика Сања Божиновска во Република Чешка била дел од компанија што произведувала еколошки биоразградливи хулахопки, открива Радио Слободна Европа, повикувајќи се на документи и написи на чешки медиуми.

Во анкетниот лист, покрај недвижностите во станови вредни над еден милион евра, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска пријавила и сопственост на компанијата „Sustainable services“ со седиште во Чешка.

Од 2018 година во периодот до пред да стане министерка, Сања Божиновска во биографијата наведува дека е „независен енергетски консултант во областа на енергетски проекти и инвестиции, проекти за соларни централи, работела на проекти за обновливи извори на енергија и дека основала фирми во Централно источна Европа и Западен Балкан“.

Нецели две недели пред да ја пријави компанијата во Државната комисија за спречување на корупцијата, Божиновска се повлекла од управител на компанијата, покажуваат документите кои ги обезбеди РСЕ. Промената е направена во Северна Македонија, а Божиновска со изјава заверена на нотар и со печат од чешката амбасада во Скопје, на 10 јули 2024 година, управителската функција на компанијата во Чешка му ја отстапува на Томе Атанасов, сопственик на компанијата за мебел „Југоекспорт стил“.

Според јавно достапните информации, „Sustainable services s.r.o“ е регистрирана со неколку дејности во работењето – изнајмување, купување, продажба и управување на недвижен имот, трговија на големо и мало, советодавни и консултантски активности, подготовка на експертски студии и проценки.

Компанијата го добила ова име на почетокот на јануари 2024 година, а претходно од денот на основање фирмата го имала називот SBMK reality, spol. S.r.o.

Адресата на компанијата „Sustainable services s.r.o“ е во Чешка, на улицата Вархулкова 1582/24 а токму таа адреса е наведена како контакт на седиштето на брендот за биоразградливи хулахопки „Божици“.

Божиновска добила големо медиумско внимание во Чешка

Боиразградливите хулахопки што ги произведувала фирмата на Божиновска добиле и медиумско внимание во Чешката Република.

Во интервју за порталот „Репортер магазин“ самата Божиновска наведува дека брендот претставува своевиден одговор на пазарот каде недостасуваат хулахопки со подолг рок на траење и притоа се направени од еколошки материјали. Божиновска во интервјуто раскажува како започнала идејата за бизнис и како брендот го добил своето име „Божици“.

Дополнително, Божиновска се појавува и во објави на социјалните мрежи на брендот, каде таа лично ги рекламира хулахопките.

Божиновска негира каква било поврзаност

Но, министерката за енергетика ги негира наводите и тврди дека нејзината фирма не произведува биоразглрадливи хулахопки тврдејќи дека бизнисот бил на нејзини пријатели на кои таа само им помагала.

„Мои пријатели имаа идеја за ширење на бизнисот од Македонија и сакав да помогнам во нивната намера преку мојата компанија во Чешка бидејќи сум поборник за еколошки органски и биоразградливи продукти. Македонски производ преку Чешка да стигне во Европа. Помошта се однесуваше на помагање на бизнисот оваа година со поставување на интернет страница за продажба и промовирање на брендот. Од наредната година веќе самите ја продолжуваат оваа приказна“, вели Божиновска во одговор до РСЕ.

Но, министерката за енергетика Божиновска не кажува која е таа фирма во Северна Македонија и чиј е тој бизнис за производство биоразградливите хулахопки.

Божиновска во својот анкетен лист до ДКСК по преземањето на функцијата освен компанијата во Чешка, има пријавено и недвижности во Шпанија, Португалија и Србија.