МНР на Република Бугарија: Нема промена на Рамката ниту со техничка ниту со редовна влада

  Министерството за надворешни работи на Бугарија во соопштение реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски Изјавата на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување...

авг 29, 2024 - 18:00
 0  2
МНР на Република Бугарија: Нема промена на Рамката ниту со техничка ниту со редовна влада

 

Министерството за надворешни работи на Бугарија во соопштение реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски

Изјавата на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали ќе управува службена или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори“, се вели во соопштението од МНР на Бугарија.

Мицкоски изјави дека во октомври во Бугарија се закажани избори, а дотогаш земјата ќе има техничка влада, па затоа треба да се почека да заврши тој процес за да продолжи дијалогот меѓу двете земји кога во Софија ќе има политичка влада. Од Министерството за надворешни работи на Бугарија велат дека без разлика дали во Бугарија раководи службена или редовна влада, нема да има дијалот за репреговарање на веќе преземените обврски од Скопје.

Оттаму додаваат дека уште во 2022 година постигнат е консензус меѓу сите земји членки на Европската Унија и Северна Македонија во кој се опишани сите чекори за напредок во процесот на евроинтеграциите на нашата држава.

Бугарското МНР уште дополнува дека бугарската позиција е јасно наведена и во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Таа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни преземените меѓународните обврски. Оваа позиција на национално ниво нема да се промени, посочено е во соопштението од бугарското министерство.

Извор: Novatv.mk