Подготовките за избор на нов папа се во тек: исходот неизвесен од кога било досега

Подготовките за избор на нов папа се во тек, а исходот е понеизвесен од кога било, со оглед на тоа што многу од кардиналите ќе учествуваат на конклавата за прв пат. На конклавата што ќе го избере новиот папа присуствуваат 135 кардинали кои ќе се соберат следната недела во Систинската...

април 28, 2025 - 16:00
 0  0
Подготовките за избор на нов папа се во тек: исходот неизвесен од кога било досега

Подготовките за избор на нов папа се во тек, а исходот е понеизвесен од кога било, со оглед на тоа што многу од кардиналите ќе учествуваат на конклавата за прв пат.

На конклавата што ќе го избере новиот папа присуствуваат 135 кардинали кои ќе се соберат следната недела во Систинската капела за да го изберат наследникот на папата Франциск, пишува денес „Гардијан“.

Голем број кардинали кои ќе гласаат беа назначени на конклавата од самиот папа во изминатите 12 години, а 20 функционери ја добија титулата кардинал дури во декември минатата година.

Многумина никогаш претходно не се сретнале.

Пред официјалниот почеток на конклавата, во тек се разговори и лобирање во ходниците, трпезариите и градините на Ватикан, пишува „Гардијан“.

Ватикански извори велат дека повеќе од 20 кардинали се идентификувани како можни кандидати за папа.

Сепак, бројот на оние кои се квалификуваат како главни кандидати кои поминуваат низ повеќе круга на гласање е мал.

Хорхе Марио Бергољо, што е вистинското име на папата Франциск, не беше разгледуван како еден од кандидатите во 2013 година, но сепак беше избран за поглавар на Римокатоличката црква на крајот од гласањето, потсетува „Гардијан“.

Меѓу кардиналите за кои се очекува да го поддржат конзервативниот наследник на папата Франциск се Рејмонд Бурк, американски бискуп кој е поддржувач на претседателот Доналд Трамп, како и германскиот кардинал Герхард Милер.

Како што пишува „Гардијан“, кардиналите Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Радклиф од Англија и Мајкл Черни од Канада се во таборот што ќе го поддржи прогресивниот кандидат.

Папата Франциск избра околу сто кардинали за конклавата и се обиде тие да доаѓаат од многу мали католички области како што се Иран, Алжир и Монголија.

Тој, исто така, се обиде да ја намали старосната граница за избор на кардинали, па седум од нив кои беа назначени во декември беа под 60 години.

Во 2013 година, повеќе од половина од кардиналите на конклавата беа од Европа, а сега тој процент се намали на 39 проценти, додека 18 проценти се од Азија, 18 проценти се од Латинска Америка и Карибите, а 12 проценти се од Субсахарска Африка./Извор:Makfax