САД размислуваат за соработка со сириските бунтовници и покрај тоа што претходно ги прогласија за терористи

Администрацијата на претседателот Џо Бајден бара начини да воспостави комуникација со сириските бунтовнички групи кои го соборија претседателот Башар ал Асад. Вашингтон се свртува кон регионалните партнери како Турција за да помогне во започнувањето неформална дипломатија. На брифингот на Стејт департментот, портпаролот Метју Милер рече дека САД имаат различни канали...

дек 10, 2024 - 15:00
 0  1
САД размислуваат за соработка со сириските бунтовници и покрај тоа што претходно ги прогласија за терористи

Администрацијата на претседателот Џо Бајден бара начини да воспостави комуникација со сириските бунтовнички групи кои го соборија претседателот Башар ал Асад. Вашингтон се свртува кон регионалните партнери како Турција за да помогне во започнувањето неформална дипломатија.

На брифингот на Стејт департментот, портпаролот Метју Милер рече дека САД имаат различни канали за комуникација со повеќе сириски групи, вклучително и оние кои претходно беа означени како терористички организации.

„Во изминатите денови ги интензивиравме тие разговори. Самиот државен секретар беше вклучен во преговорите со земјите кои имаат влијание во Сирија и ние ќе продолжиме со тие напори“, рече Милер.

Владите од регионот, како и оние од Западот, се обидуваат да воспостават контакт со водечката бунтовничка фракција во Сирија, Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која некогаш беше сојузник на Ал Каеда. ХТС е прогласена за терористичка организација од страна на САД, Европската унија, Турција и Обединетите нации.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен телефонски разговарал со регионалните лидери, вклучувајќи го и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого разговарал двапати во изминатите четири дена, откри Милер.

Турција има воени сили во северозападна Сирија и поддржува некои бунтовнички групи, иако официјално ја смета ХТС за терористичка организација.

На новинарско прашање дали САД размислуваат за соработка со лидерот на ХТС, Ахмед ал-Шар, попознат како Абу Мухамед ал Голани, Милер не даде јасен одговор, но не ја исклучи ниту можноста.

„Чувствуваме дека можеме да комуницираме, директно или индиректно, со сите релевантни страни“, рече Милер.

Во 2013 година, Соединетите Држави го прогласија Голани за терорист, тврдејќи дека Ал Каеда во Ирак го назначи за свој водач со цел да го собори режимот на Асад и да воспостави исламски шеријатски закон во Сирија. Тогашниот фронт Нусра, претходникот на ХТС, беше одговорен за бројни самоубиствени напади во кои беа убиени цивили, а групата беше позната по својата екстремна секташка идеологија.

Во текот на последната деценија, ХТС се обиде да го поправи својот имиџ, формирајќи квази-држава со седиште во Идлиб, каде што собираше даноци од локалните жители и комерцијални активности, според експертите.

„ХТС ги кажува вистинските работи во моментов, но прерано е да се извлечат заклучоци за тоа како ќе се развива ситуацијата во Сирија“, изјави висок американски функционер за новинарите во неделата.

Специјалниот претставник на САД за прашањата на заложниците, Роџер Карстенс, исто така беше во регионот, поточно во Бејрут, како дел од интензивните напори за лоцирање на Остин Таис, американски новинар кој беше уапсен во Сирија пред 12 години./Извор:Makfax