СДСМ: Тошковски го враќа добро познатото ВМРО-МВРО на Јанкулоска

СДСМ објави дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и началникот Наим Рамука се обидуваат вината за целиот скандал поврзан со сватовите на Гаши и нивното пропуштање низ граница без контрола да го префрлат на вработените лица на границата, со цел да избегнат одговорност. „Според нашите информации, Командирот на граничниот...

септември 10, 2024 - 18:00
 0  2
СДСМ: Тошковски го враќа добро познатото ВМРО-МВРО на Јанкулоска

СДСМ објави дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и началникот Наим Рамука се обидуваат вината за целиот скандал поврзан со сватовите на Гаши и нивното пропуштање низ граница без контрола да го префрлат на вработените лица на границата, со цел да избегнат одговорност.

„Според нашите информации, Командирот на граничниот премин Блаце, добил директно барање од Наим Рамука дека треба на шест вработени да им бидат изречени писмени опомени. Со ова, планот бил тие да поминеле без парични казни и да си ја преземеле одговорноста. Рамука го информирал Командирот дека ова мора да се заврши затоа што целата работа наводно била договорена меѓу Изет Меџити и Панче Тошковски, на високо политичко ниво. Вака Тошковски и Рамука сакале да се забошоти целата работа“ рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Таа додаде дека Командирот сепак одбил да изрече таква казна, сметајќи дека тоа е нечесно кон вработените и јасно кажал дека нема одговорност кај нив и побарал случајот да го реши Внатрешната контрола на МВР.

„Според нашите информации, во моментов случајот е во Внатрешна контрола која мака мачи како да го оправда целиот случај и очигледно се обидуваат да направат манипулација и да обвинат некој друг. Ова е МВР под водство на Тошковски почитувани граѓани. Ова е добро познатото ВМРО-МВРО и методите од времето на Гордана Јанкуловска“ рече Кузеска и побара итно, јавно и транспарентно да се објават наодите од внатрешната контрола и итно да се лоцира одговорноста кај оној кој ја дал командата.

Таа потенцираше дека точно се знае кој, како и за што треба да одговара за овој скандал кој веќе е објавен во јавноста и дека доколку Тошковски се обиде било кој вработен во МВР да го искористи како жртвено јагне, СДСМ остро ќе реагира.

„Бараме итно да бидат конечно разрешени Рамука и Тошковски, овие скандали веќе немаат крај. За крај прашуваме, има ли грам човечност во Тошковски? За одговорност знаеме дека нема. Има ли малку доблест да го разреши Наим Рамука и тој да се повлече наместо да мести невини луѓе да одговараат? Дали вака ВМРО-ДПМНЕ ја замислува одговорноста за која беседи Мицкоски? Ова ли е таа департизација која треба да се направи од неговата смешна платформа?“ запраша Кузеска.