Соседот на атентаторот на словачкиот премиер: Ми кажа зошто му се налутил

Неколку полицајци денеска застанаа на влезот од станот во кој живееше 71-годишниот поранешен чувар и поет Јурај Цинтула, осомничен дека пукал во словачкиот премиер Роберт Фицо. „Шокиран сум. Тој беше љубезен, услужлив и мирен тип“, изјави неговиот долгогодишен сосед и пријател Мил Лудовит за британски „Гардијан“ стоејќи пред скромната сива...

мај 16, 2024 - 18:00
 0  5
Соседот на атентаторот на словачкиот премиер: Ми кажа зошто му се налутил

Неколку полицајци денеска застанаа на влезот од станот во кој живееше 71-годишниот поранешен чувар и поет Јурај Цинтула, осомничен дека пукал во словачкиот премиер Роберт Фицо.

„Шокиран сум. Тој беше љубезен, услужлив и мирен тип“, изјави неговиот долгогодишен сосед и пријател Мил Лудовит за британски „Гардијан“ стоејќи пред скромната сива станбена зграда, во која двајцата живееле 40 години.

Људовит рече дека последен пат го видел Цинтула во понеделникот и не забележал никакви промени кај него.

„Го познавам со децении. Ако нешто планирал, немало никакви знаци. Но, не можам да знам што имало во неговата глава“, рече тој.

Лудовит ги потврдил претходните медиумски извештаи дека Цинтула бил поранешен чувар, кој пишувал песни, пренесуваат локалните медиуми.

На видео објавено на „Фејсбук“, човекот за кој „Ројтерс“ потврди дека е напаѓачот, се гледа како вели: „Не се согласувам со политиката на владата“.

Људовит рече дека двајцата повремено разговарале за политика и дека Цинтула изразувал лутина поради, како што сметал, зголемените напади врз слободата на говор под водство на Фицо.

„Но, никогаш не би помислил дека тој е способен за такви постапки. Никогаш не зборуваше за насилство“, рекол соседот, а потоа додал: „Немам објаснување зошто го направи она што го направил“.

Министерот за внатрешни работи го опиша пукањето како политички мотивиран обид за атентат. На атентаторот му се заканува од 25 години затвор до доживотна затворска казна. Министерот потврди и дека атентаторот дејствувал сам и претходно учествувал во антивладини протести./Извор:Makfax