Спасовски: Договорите со Бугарија и Грција и преговарачката рамка со ЕУ беа злоупотребувани од ВМРО-ДПМНЕ, очекувам да ги репреговараат
„Градењето на политики кои значеа отворање на перспективи на државата, како Преспанскиот и договорот со Бугарија беа премногу злоупотребувани во јавноста како нешто што не е потребно на државата“ рече Оливер Спасовски во „Клик плус“ на ТВ21. Тој додаде дека критиките биле во насока на тоа дека државата не мора...
„Градењето на политики кои значеа отворање на перспективи на државата, како Преспанскиот и договорот со Бугарија беа премногу злоупотребувани во јавноста како нешто што не е потребно на државата“ рече Оливер Спасовски во „Клик плус“ на ТВ21.
Тој додаде дека критиките биле во насока на тоа дека државата не мора да ги отвора перспективите и да се помирува со соседите, бидејќи сме си доволни сами на себе.
„Факт е дека партијата која победи на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, имаше постојано став дека и единиот и другиот договор не се потребни на државата и тој концепт на ВМРО-ДПМНЕ ја доби потребната поддршка од граѓаните“ рече Спасовски.
Поранешниот министер за внатрешни работи рече дека очекува концептот кој добил поддршка на изборите да репреговара со Бугарија и да донесе нов договор, а исто така и да репреговара со ЕУ за да донесе нова преговарачка рамка, бидејќи тоа беше основата на целото делување на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум убеден и сега дека нема да се случи репреговарање на Договорот со Бугарија, ниту менување на рамката со ЕУ. Но, концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој значи репреговарање на договорите и преговарачката рамка со ЕУ е концептот кој ги доби изборите. Тоа веќе не е прашање на претходната влада, туку на идната. Очекувам дека овие прашања ќе бидат на дневен ред и дека за нив ќе се отворат дебати и во Собранието и во јавноста“ рече Спасовски.