Тошковски: Од неопходна важност е градењето и воспоставувањето на систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 12 Регионален координативен состанок за имплементација на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје во Западен Балкан. Министерот Тошковски изрази уверување дека овие состаноци регионално ниво поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координацијата...
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се обрати на 12 Регионален координативен состанок за имплементација на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје во Западен Балкан.
Министерот Тошковски изрази уверување дека овие состаноци регионално ниво поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координацијата во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје, туку и посилна соработка со Европската унија, нејзините земји-членки, агенциите на Европската унија, како и со клучните меѓународни актери активни во областа на контрола на мало и лесно оружје.
„Општо познато е дека достапноста и незаконската употреба на оружјето ја поткопуваат правдата, ја зголемуваат стапката на криминалот и ризиците од насилство и влијаат на стабилноста на нашите земји. Од неопходна важност во оваа насока е градењето и воспоставувањето на систем за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето, преку утврдување на процедури и механизми. Токму оваа цел ја имаше претходниот Патоказ чиешто спроведување покажа дека и покрај остварениот напредок и вложени напори, останува уште значителен дел од работата кој треба да се заврши со цел надлежните национални тела да ги достигнат највисоките стандарди и да се обезбеди ефикасна контрола на огненото оружје.“, потенцираше министерот Тошковски.
Тошковски нагласи дека предизвикот на една од нашите земји е предизвик на сите нас и затоа овој Патоказ е регионален, со утврдени недостатоци и цели за надминување на истите, идентификувани добри пракси и модуси за нивно постигнување, воведени стандарди и препораки за нивно исполнување.
„Од овој аспект, како навистина успешен се покажа холистичкиот пристап кој го воведе SEESAC во контролата на малото и лесно оружје. Неговата успешност се огледува и во фактот што пред неполни два месеци, ние – Министрите за внатрешни работи од Западен Балкан го усвоивме новиот „Патоказ за одржливо решение за недозволено поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција 2025-2030“. Но ефектот од досегашното спроведување на Патоказот под координација на (СЕЕСАК) се должи во голема мера и на одржувањето и ефектуирањето на соработка и партнерства со сите постојни меѓународни и европски чинители активни во оваа област.“, нагласи министерот Тошовски.
Тошковски на крај изрази уверување дека она што ќе следува во петте следни години на негово спроведување, не смее да биде ништо помалку од работа и посветеност на процесот, имајќи предвид дека тоа во голема мера ќе ги олеснува и насочува тековните напори за исполнување на клучните безбедносни стандарди за членство во Европската унија.
Министерот Тошковски на маргините на регионалниот координативен состанок оствари и билатерална средба со Бојана Балон, раководител на (СЕЕСАК) – Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје на Југоисточна Европа.