Трамп рекламира американска библија, која се продава за 59,99 долари

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, републиканскиот кандидат на претстојните претседателски избори во ноември, рекламира верзија на т.н. американска библија, што близок кантри-пејач ја продава за 59,99 долари, пишува „Гардијан“. Во објава на својата социјална мрежа „Вистина“, Трамп ги охрабрува своите поддржувачи да си набават примерок од библијата, која ја промовира...

Мар 27, 2024 - 19:00
 0  0
Трамп рекламира американска библија, која се продава за 59,99 долари

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, републиканскиот кандидат на претстојните претседателски избори во ноември, рекламира верзија на т.н. американска библија, што близок кантри-пејач ја продава за 59,99 долари, пишува „Гардијан“.

Во објава на својата социјална мрежа „Вистина“, Трамп ги охрабрува своите поддржувачи да си набават примерок од библијата, која ја промовира во партнерство со добриот пријател Ли Гринвуд, кантри-пејач, чии песни се пуштаат на митинзите на Трамп.

Гринвуд ја продава својата верзија на копијата на светите списи преку godblesstheusabible.com, која содржи и фотографии од републиканскиот кандидат со книгите. Книгата е украсена со американското знаме и зборовите „Бог да ги благослови Соединетите Американски Држави“, а содржи и текстови, како што се американскиот Устав и Декларацијата за независност.

Гринвуд на страницата пишува дека тоа е единствената т.н. библија поддржана од Трамп, но исто така нагласува дека републиканецот не заработува од неа, ниту неговата кампања, туку дека го користи името на поранешниот претседател со платена лиценца.

Самиот Трамп во видеото рече дека „верата и христијанството се најголемите работи што недостигаат“ во САД и дека „навистина верува оти тие мора да се вратат, и тоа бргу“. „Мислам дека тоа е еден од најголемите проблеми што ги имаме. Затоа нашата земја е скршена. Ја изгубивме вербата во нашата земја. На сите Американци им треба библија во домот, а јас имам многу од нив“, рече тогаш тој.