Џулијан Асанж е на слобода, стави крај на долгогодишната правна битка

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, пред американскиот суд во Саипан се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД, во спогодбата со американскиот правосуден систем што стави крај на долгогодишната правна битка и ја остави судницата како слободен човек, известуваат светските агенции. Судијката Рамона Манглона ја одобри...

јуни 26, 2024 - 21:00
 0  7
Џулијан Асанж е на слобода, стави крај на долгогодишната правна битка

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, пред американскиот суд во Саипан се изјасни за виновен за прекршување на Законот за шпионажа на САД, во спогодбата со американскиот правосуден систем што стави крај на долгогодишната правна битка и ја остави судницата како слободен човек, известуваат светските агенции. Судијката Рамона Манглона ја одобри спогодбата со обвинителите, ставајќи крај на 14-годишната сага.

Во согласност со спогодбата, таа го осуди на затворска казна, која тој веќе ја одлежа. Тој помина пет години во затвор во Обединетото Кралство.

Според написите, по читањето на пресудата, обвинителството веднаш го повлече барањето за екстрадиција на Асанж, што е голем момент со оглед на тоа што основачот на Викиликс поминал години на суд обидувајќи се да избегне екстрадиција во САД. Судијата рече дека американската влада се согласила да не води понатамошна кривична постапка.

Асанж се насмевна кога таа му честиташе роденден (наредната недела ќе наполни 53 години), велејќи дека се надева дека ќе го започне својот нов живот на позитивна нота.

На сослушувањето Асанж се изјасни за виновен по една точка од обвинението со кое се товари за заговор за добивање и објавување доверливи документи за одбрана на САД.

Тој сега е слободен човек и може да се врати во својата родна Австралија по години во егзил.

Вашингтон тврдеше дека Австралиецот ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој беше обвинет за откривање американски злосторства.

Во 2010 година, Викиликс, меѓу другото, објави видео од американски воени хеликоптери кои убиваат цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан.

Британската полиција го уапси Австралиецот во 2019 година во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што престојуваше седум години./Извор:Makfax