Америка ги прогласи Хутите за терористичка организација

САД ја прогласија јеменската бунтовничка група Хути поддржана од Иран за странска терористичка организација. Одлуката ја објави американскиот државен секретар Марко Рубио, а со неа следуваат и санкции и парични казни за секој кој ќе обезбеди „материјална поддршка“ на таа група. „Денес Стејт департментот исполнува едно од првите ветувања на...

Мар 5, 2025 - 11:00
 0  1
Америка ги прогласи Хутите за терористичка организација

САД ја прогласија јеменската бунтовничка група Хути поддржана од Иран за странска терористичка организација. Одлуката ја објави американскиот државен секретар Марко Рубио, а со неа следуваат и санкции и парични казни за секој кој ќе обезбеди „материјална поддршка“ на таа група.

„Денес Стејт департментот исполнува едно од првите ветувања на претседателот Доналд Трамп по преземањето на функцијата и со задоволство можам да објавам дека го назначивме Ансаралах, попознат како Хути, за странска терористичка организација“, рече Рубио.

Како што истакна, од 2023 година Хутите извршиле стотици напади врз трговски бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, како и врз американски војници кои ја штитат слободата на пловидба и регионалните партнери на САД. Тој, исто така, додаде дека Хутите ги поштедиле кинеските бродови, додека мета биле американски и сојузничките бродови.

„Соединетите Американски Држави нема да толерираат ниту една земја под превезот на деловно поврзување со терористички организации како Хутите“, рече Рубио.

Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа во октомври 2023 година, Хутите извршија повеќе од 100 ракетни и беспилотни напади врз трговските бродови што минуваат по клучниот воден пат на Црвеното Море. Во јануари, тие најавија дека ќе ги ограничат нападите врз бродовите поврзани со Израел по привремениот прекин на огнот во Газа, но предупредија дека би можеле повторно да ги прошират доколку сметаат дека е потребно.

Администрацијата на Трамп ги прогласи Хутите за терористи во последните денови од неговиот прв мандат, но претседателот Џо Бајден ја смени таа одлука веднаш по преземањето на функцијата, велејќи дека тоа може да спречи хуманитарна помош да стигне до Јемен, земја погодена од една од најтешките хуманитарни кризи во светот.

Во меѓувреме, односите меѓу Хутите и меѓународните организации дополнително се влошија. Обединетите нации ги прекинаа хуманитарните операции во областите под контрола на Хутите минатиот месец, откако бунтовниците уапсија уште осум членови на персоналот на ОН.

Во текот на изминатите неколку месеци, Хутите уапсија десетици вработени во ОН, хуманитарни работници и членови на граѓанското општество, како и поранешен персонал во затворената американска амбасада во главниот град на Јемен, Сана. Засега ниту еден од приведените вработени во ОН не е ослободен./Извор:Makfax