Говор на омраза е скривница во која луѓето симулираат општествен живот, а не произведуваат „јавен интерес“
Го погледав шорткастот „Што има ново“ на ИМА на Петрит Сарачини со гостинот Дејан Георгиевски од „Центарот за развој на медиуми“, разговараа за најновиот пад на Индексот на слобода на медиумите објавен од „Репортери без граници“, кајшто земјава бележи пад од 6 места подолу. Таквиот тренд не беше забележан изминатите...

Го погледав шорткастот „Што има ново“ на ИМА на Петрит Сарачини со гостинот Дејан Георгиевски од „Центарот за развој на медиуми“, разговараа за најновиот пад на Индексот на слобода на медиумите објавен од „Репортери без граници“, кајшто земјава бележи пад од 6 места подолу.
Таквиот тренд не беше забележан изминатите 7-8 години во кои бележевме константен напредок, така што таквиот пад е јасен индикатор кој ни покажува дека медиумските слободи во земјата се загрозени.
На сите читатели топло ви ја препорачувам оваа четиринаесет минутна дебата, а јас ќе се осврнам само на еден дел од оваа дебата, поточно ќе се обидам да го објаснам елементот на слободата на говор која циркулира на „социјалните мрежи“.
Од 2007. година сум „наштекан“ на платформата Фејсбук (Facebook). Низ годините гледам како оваа апликација ги доведува луѓето во еден бескраен карневал. Сите луѓе на себе носат маски; оттука, секој еден заштитен со маска, на секому може да му рече се’, a тоа да не се одрази на неговиот социјален статус, поточно да не’ му наштети на неговите социјални контакти.
Луѓето сешто пишуваат. Од моето искуство кое не е баш така малечко, и ако не знаеш кој тоа ти го рекол, најверојатно некоја гадост ќе ти каже. Интернетот луѓето ги доведува до бескрајна карневализиција. Понекогаш некој ќе биде јавно жигосан, на некој ќе му биде тргната маската, и таквиот ќе биде јавно понижен.
Што во основа не претставува ништо друго освен спалување на личноста пред сите кои учествуваат во карневалската претстава – јавно спалување на некоја срамна личност или појава, чин преку кој се означува завршување на карневалот.
Само внимавајте на еден важен детаљ: разликата помеѓу традиционалниот медиумски карневал и интернетскиот карневал лежи во тоа што овој интернетскиот никогаш не завршува.
Анонимни луѓе под маски денес шират говор на омраза. На многу малку луѓе им е јасно што точно претставува „говорот на омраза“. Прво, дали е секој говор навредлив говор, па и’ оној што е упатен на поединецот, или тоа е говор упатен до некое мнозинство од луѓе, или тоа е говор што на навредлив начин зборува низ омраза за некое малцинство…
Покрај говорот на омраза уште се употребува и фразата „јавен интерес“. Во западно-цивилизираните земји, љубат да кажат дека оние кои се ревносни во осудата на говорот на омраза, таквиот говор не се толерира затоа што тој не е во сферата од „јавниот интерес“. Би можел овде да се сетам на многу работи кои се од „јавен интерес“, а кои не се забранети. Кои, дури, никој не се обидува да ги регулира.
На пример, има една работа која опасно ме нервира, а за да објаснам, ќе речам вака: јас текстови од 800-900-1000 зборови работам четири, пет, а некогаш и шест интензивни часа. Тоа, барем оние кои пишуваат, знаат дека е воловска работа.
Под текстовите најчесто се појавуваат коментари, а и под текстовите на моите пријатели кои делиме слични светогледи, читам коментари преполни со крволочна омраза, нападите се ад хоминем, нападите се лични, нема ништо за тезите во текстовите.
Чиста и крволочна омраза.
Коментарите под текстовите се луѓе облечени со анонимни маски. Тоа е неверојатно мочуриште, неверојатна бесмислица. Таквото коментирање нема ништо позитивно во себе.
Една од најелементарите работи во коментирањето е тоа дека во суштина вие себеси се опишувате и вашиот внатрешен свет кога коментирате за други луѓе. Тоа е најелементарно за секое коментирање.
Второ, таквите коментари не претставуваат VOX POPULI, тоа не е „гласот на народот”, притоа, тоа е апстрахирано од одговорност така што, еве, ќе ви дадам уште еден пример: кога ќе се разминете на улица, никој од тие луѓе нема храброст в очи да ви каже она кое има да ви го каже на интернет, а на интернет тие луѓе ви делуваат дека се страшно силни.
Што значи дека надвор од интернетот, кај луѓето сепак постои некое човечко и пристојно однесување додека чекорат на улица, а во коментарите под текстовите напросто таквото коментирање е аболирано од одговорност. Вие под коментарите на текстот може да го пцуете авторот, а за текстот најчесто ништо не се зборува. Се сомневам дека некој од коментаторите уште и го прочитал самиот текст/колумна/есеј.
Понекогаш мислам дека таквата толпа изгледа фотосензитивно, да не речам дека е визуелна: гледа само слика, на сликата има лице, па почнува да плука оти, нели, „није им га мајка родила”. За таквите коментатори имам најголем презир и гадење. А коментарите под текстовите се чисто мочуриште од луѓе кои се аболирани од одговорност бидејќи, рековме погоре, носат маски и учествуваат во ритуалното спалување на личноста.
Ајде сега да влеземе „на кратко“ во длабокото.
Во есејот на Горгио Агамбен, „Идентитет без личност“, ни дава краток историјат на примената на антропометриските техники. Во втората половина од 19. век, европските општества, не потсетува Агамбен, беа опседнати со фигурата наречена „рецидивен престапник“, оној кој повеќе од еднаш го прекршил законот. Таквите личности треба „адекватно“ да се идентификуваат.
Малиот чиновник во париската профектура со име Алфонсо Бертилон (Alphonse Bertillon) на крајот од седумдесетите години на 19. век развива систем на идентификација на престапници засновани на антропометриски податоци и сигналетичка фотографија. Таквиот систем, под името bertillonage, набрзо ќе го прифатат сите држави на светот.
„Сите кои од некоја причина биле притворени или затворени, веднаш се ставени под мерење на нивниот мозочен скелет, раце, прсти на рацете и нозете, ушите и лицата. Потоа се фотографирани en face oд профилот, така што двете фотографии се лепат на ‘Бертилонов картон’ кој ги содржи сите потребни податоци за идентификација…“, пишува Агамбен.
Недлого потоа, Дарвиновиот роднина со име Францис Галтон пронајде начин така што луѓето релевентно брзо ги идентификува со помош на отисоци на прсти. Агамбен вели како од тој момент идентитетот на човекот, за прв пат во историјата, повеќе не правеше како другите го гледаа, ниту неговата општествена улога и маска, туку неговитe биолошки податоци – голиот живот.
Човекот денес – e неговиот DNK (де-ен-ка).
Чекор по чекор, стигнавме до биометриски пасоши и лични карти. Работи кои го олеснуваат патувањето и паричните трансакции. Ама исто така, по потреба, може да го олеснат – да речеме – геноцидот. Како што вели Агамбен, власта која ги има сите тие податоци во работата за истребување на Евреи или било која друга популација, би била далеку поефикасна од нацистите кои, пак, Холокаустот го спроведоа на основа на многу помалку детални и веродостојни податоци.
Вистинскиот проблем со интернет-анонимноста не е, имено, во говорот на омраза, туку во фактот дека со тоа луѓето се обидуваат да создадат своја маска, се обидуваат да симулираат општествен живот, на крајот се обидуваат да произведат состојба во која ќе се обидат да бидат скриени за никој да не ги види. Се обидуваат да заборават дека постои некој кој гледа се’ што тие прават.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.