Подметнат пожар во домот на гувернерот на Пенсилванија: полицијата го разбуди и го евакуира
38-годишен маж е уапсен и ќе се соочи со обвинение откако наводно ја запалил официјалната резиденција на гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро, соопштија властите. Коди Балмер се соочува со обвиненија за обид за убиство, тероризам, подметнување пожар и тежок напад. Апсењето дојде неколку часа откако Шапиро, кој често се споменуваше...

38-годишен маж е уапсен и ќе се соочи со обвинение откако наводно ја запалил официјалната резиденција на гувернерот на Пенсилванија Џош Шапиро, соопштија властите.
Коди Балмер се соочува со обвиненија за обид за убиство, тероризам, подметнување пожар и тежок напад.
Апсењето дојде неколку часа откако Шапиро, кој често се споменуваше како можен иден кандидат за Белата куќа, беше разбуден среде ноќ од властите кои тропаа на неговата врата поради пожар кој брзо се шири.
На прес-конференција, Шапиро рече дека е „очигледно емотивен“ додека раскажуваше што се случило. Тој и неговото семејство успеале да се евакуираат неповредени, но нивниот дом во главниот град Харисбург бил сериозно оштетен.
„Нема да дозволам да бидам затворен во окови што некој се обиде да ми ги стави со напад врз нас синоќа“, изјави Шапиро за новинарите.
Само неколку часа пред пожарот, гувернерот и неговото семејство биле дома и ја прославувале првата вечер на еврејскиот празник Пасха.
Тој додаде дека се уште не се познати мотивите на напаѓачот.
Заменик-началникот на полицијата Џорџ Бивенс изјави дека осомничениот имал импровизирана запалива направа и дека е уапсен во областа Харисбург. Властите веруваат дека Балмер ја прескокнал оградата околу резиденцијата на гувернерот и успеал да влезе во куќата, каде што запалил пожар. Истрагата се уште е во тек.
Според фотографиите од куќата, внатрешноста е речиси целосно уништена, се е покриено со црн пепел, а на изгорената маса се уште стојат неколку чинии. Властите потврдија дека пожарот, кој на крајот бил изгаснат, предизвикал „значителна штета на дел од резиденцијата“.
Властите претходно понудија награда од 10.000 долари за информација која ќе доведе до апсење на сторителите. Се уште не е познато дали дојавата довела до апсење на Балмер, кој се уште е во притвор. Џош Шапиро и неговата сопруга Лори имаат четири деца: Софија, Јона, Макс и Рубен.
Гувернерот Шапиро се сметаше за можен потпретседателски кандидат заедно со Камала Харис за време на нејзината претседателска кампања минатата година, но таа на крајот го избра гувернерот на Минесота Тим Волц.
Официјалната резиденција на гувернерот на Пенсилванија во Харисбург е изградена во 1968 година, се простира на 2.700 квадратни метри и досега била домаќин на осум гувернери.
Шапиро ја извршува функцијата гувернер од 2023 година, а пред тоа беше јавен обвинител на Пенсилванија./Извор:Makfax