Во Јапонија пет лица починале од суплементи

Во неделата од почетокот на повлекувањето на серијата јапонски медицински додатоци, пет лица починаа, а повеќе од 100 лица досега се хоспитализирани. Компанијата „Kobayashi Pharmaceuticals“ од Осака се најде на удар на критики бидејќи не излезе веднаш во јавноста со проблемите кои беа познати внатре во компанијата уште во јануари...

Мар 29, 2024 - 14:00
 0  0
Во Јапонија пет лица починале од суплементи

Во неделата од почетокот на повлекувањето на серијата јапонски медицински додатоци, пет лица починаа, а повеќе од 100 лица досега се хоспитализирани.

Компанијата „Kobayashi Pharmaceuticals“ од Осака се најде на удар на критики бидејќи не излезе веднаш во јавноста со проблемите кои беа познати внатре во компанијата уште во јануари и првото јавно соопштение за тоа го објави дури на 22 март, пренесува медиумот.

Претставници на компанијата рекоа дека 114 лица биле лекувани во болниците откако ги земале производите, вклучително и „Benikoji choleste help“, која има за цел да го намали холестеролот и содржи состојка наречена беникоџи, еден вид црвена мувла.

На почетокот на неделава две лица починаа откако го земале производот. Некои луѓе развиле проблеми со бубрезите, но точната причина сè уште се истражува во соработка со владините лаборатории, рече производителот.

„Длабоко се извинуваме“, изјави денеска претседателот Акихиро Кобајаши на новинарите.

Тој изрази каење за загинатите и заболените, како и за нивните семејства.

Тој, исто така, се извини за проблемите предизвикани на целата индустрија за здрава храна и лекарската фела, додавајќи дека компанијата работи на спречување на дополнителни штети и подобрување на управувањето со кризи.

Производите на компанијата се отповикани – како и десетици други производи кои содржат беникоџи, вклучувајќи мисо паста, крекери и прелив со оцет.

Јапонското Министерство за здравство на својата официјална веб-страница објави список на сите повлечени производи, вклучувајќи ги и оние каде што беникоџи се користеше за бојадисување храна.