Мицкоски до студентите: Нашата визија е да создадеме систем кој ќе ви даде можност да се развивате- без ограничувања и без бариери
„Образованието не е само патека кон индивидуален успех- тоа е катализатор за општествени промени, рамноправност и прогрес. Денес, на Меѓународниот ден на студентите, ја славиме токму вашата енергија, креативност и амбиција. Вие сте оние што ќе го водат нашето општество кон подобра иднина. Не само преку учење и стекнување знаења,...
„Образованието не е само патека кон индивидуален успех- тоа е катализатор за општествени промени, рамноправност и прогрес. Денес, на Меѓународниот ден на студентите, ја славиме токму вашата енергија, креативност и амбиција. Вие сте оние што ќе го водат нашето општество кон подобра иднина. Не само преку учење и стекнување знаења, туку и преку активна улога во создавањето на иновативни решенија и праведно општество.“, порача Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија вчера по повод Меѓународниот ден на студентите.
Премиерот Мицкоски изјави дека визијата на Владата е да се создаде систем во кој ќе им се даде реална можност на студентите за развивање, без ограничувања и бариери.
„Вашите проблеми се наши важни приоритети. И ова не го говорам само затоа што тоа се очекува од мене. Ова го говорам затоа што целиот мој професионален развој е поврзан со факултетите, со универзитетите, со науката, со студентите. Владата е решена да ви даде силна поддршка и да создаде услови во кои вашиот труд, талент и амбиција ќе можат да блеснат. Нашата визија за образованието и младите е едноставна, да создадеме систем кој ќе ви даде можност да се развивате – без ограничувања и без бариери. Со гордост можам да кажам дека веќе работиме на големи промени.“, нагласи тој.
„Вашиот успех е успех на целото општество и затоа ќе продолжиме да инвестираме во вас, во вашите соништа и во вашата иднина. Заедно, можеме да ја направиме Македонија место каде младите не само што ќе сакаат да останат, туку и ќе бидат горди што ја градат. Да се потрудиме да го покажеме тоа. Образованието можеби е најважната алатка преку која што ќе се водат процесите во иднината. Колку тоа образование е посилно и помоќно толку во посилна и помоќна држава ќе живееме.“, дециден е премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека секој од нас некогаш бил револтиран и сакал да замине од државата, но рече дека реалноста е дека треба да се бориме секој ден во сопствената татковина и овде да создаваме за да ја видиме Македонија каква што сакаме да биде.
„Сите ние во одредени моменти во нашите животи сме имале можност или понекогаш од револт сме сакале да го спакуваме нашиот живот во еден куфер и да заминеме што подалеку од овде. Не било лесно и ние нашите професионални кариери сме ги започнувале можеби под очекувањата онакви какви што ни биле кога сме биле студенти. Можеби сме очекувале дека таа сурова реалност наречена живот ќе биде со нас помила и понежна и дека можеби ќе не’ погали од самиот почеток. Но, за жал реалноста не е таква. Реалноста е дека треба да се борите секој ден и дека животот е борба и таа борба можете да ја водите дома, таа е поинспиративна бидејќи се борите за сопствената татковина, но можете да бидете некаде таму далеку и да се борите за туѓи бели дворови и за туѓи татковини. Мојот совет до вас е, останете дома и заедно да се бориме, да се избориме за оние што доаѓаат по вас, заедно да се бориме за онаа Македонија каква што сакаме да ја видиме бидејќи само така можеме и ние да бидеме среќни и бидејќи само така можеме да успееме.“, рече Мицкоски.